ОВАА ВЛАДА СЕ ОБИДУВА ДА МЕ ЗAОБИКОЛИ ЗА ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА КАКО ШТО ГО ЗАОБИКОЛИЈА ГЛИГОРОВ ЗА ТАЈВАН, КАЖА ИВАНОВ НА ИЛИНДЕНСКАТА ПРОСЛАВА ВО КРУШЕВО

    ОВАА ВЛАДА СЕ ОБИДУВА ДА МЕ ЗAОБИКОЛИ ЗА ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА КАКО ШТО ГО ЗАОБИКОЛИЈА ГЛИГОРОВ ЗА ТАЈВАН, КАЖА ИВАНОВ НА ИЛИНДЕНСКАТА ПРОСЛАВА ВО КРУШЕВОИванов во говорот на Мечкин Камен повтори дека договорот за името меѓу Македонија и Грција е штетен. (Фото: МРТВ/принтскрин)

    Не го прифаќам Договорот за името со Грција, нема да ме поколебаат разните обиди за притисоци и останувам доследен на мојот став, рече претседателот Ѓорге Иванов на прославата на Илинден во Крушево.

    Иванов во говорот на Мечкин Камен кажа дека Договорот за името меѓу Македонија и Грција е штетен, се бришел македонскиот идентитет и народ и дека Владата се обидува да го заобиколи, онака како што пред 20 години тогашната Влада по потпишување на договорот со Тајван го игнорирала претседателот Киро Глигоров.

    „Пред 20 години тогашната Влада потпиша договор со Тајван и покрај спротивставувањето на претседателот Киро Глигоров. Наместо Глигоров да биде послушан, тој беше игнориран и заобиколен, онака како што денес, 20 години подоцна, оваа Влада се обидува да ме заобиколи мене. Ако со тајванскиот договор се направи обид да се редефинира позицијата на Република Македонија на меѓународен план со грчкиот договор се редефинира самата наша држава“, рече Иванов.

    Иванов рече дека со договорот не се менува само името на државата, туку се менувал и македонскиот државен и институционален идентитет. Лага било дека со овој договор се гарантирало членството во Европската унија и НАТО.

    „Лага е дека со овој договор се јакне македонскиот идентитет, напротив со него правно се укинува македонскиот народ. Со него се брише идеалот на македонскиот народ да има своја држава“, рече Иванов.

    На прославата на Мечкин Камен присуствуваше Метју Палмер заменик-помошник државен секретар во Стејт департментот на САД за Европа и Евроазија, придружуван од американскиот амбасадор Џес Бејли.

    Владината делегација во Крушево ја претставуваа вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерите за транспорт и врски Горан Сугарески, за информатичко општество Дамјан Манчевски, за здравство Венко Филипче и за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира