МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЌЕ ГО ПОВТОРИ ТЕНДЕРОТ ЗА РЕТКИ БОЛЕСТИ ЗА ДВА ЛЕКА

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЌЕ ГО ПОВТОРИ ТЕНДЕРОТ ЗА РЕТКИ БОЛЕСТИ ЗА ДВА ЛЕКАОд Министерството за здравство велат дека во тек е потпишување на договорите за набавка на останатите лекови за ретки болести. - Од годинашната трка за лица со ретки болести на „Охрид трЧат“ (Фото: Фејсбук)

    Министерството за здравство повторно ќе објави тендер за набавка на дел од лековите за ретки болести, бидејќи на огласот за набавка на лекови што заврши на 25-ти минатиот месец за две ставки не е одбрана компанија која ќе ги набавува. Од Министерството за здравство велат дека крајниот рок за доставување понуди на јавната набавка на лекови за лекување ретки болести бил пети јуни, и дека на огласот се јавиле 10 компании.

    „По извршената евалуација од 24 дела, кои беа предмет на набавката, избор беше направен за 22 ставки, на 13-ти минатиот месец. По тоа следуваше рокот за поднесување на жалби на незадоволните економски оператори. Во рокот за жалби добивме две, а по нивно разгледување на 25-ти овој месец одбиени се како неосновани. Истиот ден пристапивме кон склучување на договори за јавна набавка на 22 предметни набавки. За останатите 2, за кои не е избран економски оператор во тек е повторно објавување на оглас“, велат од Министерството за здравство.

    Министерството за здравство вели дека постапката за јавна набавка на лековите за лекување ретки болести со роковите во сите нејзини фази е водена согласно Законот за јавни набавки.

    „Во моментов е во фаза на потпишување на договори по што следува реализација на истите“, велат од Министерството за здравство.

    Здруженијата на пациенти со ретки болести апелираа тендерските постапки за набавка на лекови навреме да се распишуваат за да не се случи некој пациент да остане без лек, бидејќи за многу од нив лекот значи живот. Тие алармираа бидејќи постапката за набавка на лековите се одолговлече, односно бидејќи се разгледуваа документите за набавки од паралелен увоз.

    Со оваа набавка треба да стигнат и трите нови лека за ретки болести, кои министерот за здравство Венко Филипче на почетокот на годината најави дека Министерството за здравство ќе ги набави. Од овие три лека едниот е за пациенти со фамилијарна амилоидна невропатија (ФАП), лек за апластична анемија и нов лек за болеста Гоше, за која и претходно се набавуваа лекови од програмите на Министерството за здравство.

    Од Здружението на пациенти со ретки болести „Живот со предизвици“ велат дека според информациите кои ги имаат Министерството за здравство ги одбило понудите за набавка на лекови од паралелен увоз, а за еден лек официјалните застапници на производителите не дале понуда.

    „Постојано апелираме навреме да се набавуваат лековите. Додека траеше тендерската постапка, за да нема недостаток на лекови Министерството со итни постапки набавуваше од потребните лекови. Најавените нови лекови допрва ќе стигнат и за еден пациент со ФАП веќе е доцна, бидејќи кај него болеста е во напредна фаза. Кај повеќето болести треба итно да се реагира откако ќе се постави дијагнозата, за да не напредува болеста. Се надеваме дека во иднина надлежните ќе ги преземат сите мерки да ги заштитат пациентите и нивните семејства да не бидат под стрес дали ќе имаат лекови. Претходно за нас беше проблем што лековите се носеа со паралелен увоз, бидејќи не знаевме каков е квалитетот. Сега засега сме уверени дека нема да има лекови од паралелен увоз и нè радува дека сепак се води грижа за безбедноста и квалитетот на лековите“, вели Весна Алексовска, претседател на „Живот со предизвици“.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира