КОЛОНИ КАМИОНИ ЗАГЛАВЕНИ НА БОГОРОДИЦА, ОД ЦАРИНАТА НЕ КАЖУВААТ ЗОШТО, ВЕЛАТ НА ПРЕМИНОТ Е НОРМАЛНО

    КОЛОНИ КАМИОНИ ЗАГЛАВЕНИ НА БОГОРОДИЦА, ОД ЦАРИНАТА НЕ КАЖУВААТ ЗОШТО, ВЕЛАТ НА ПРЕМИНОТ Е НОРМАЛНООд Царинската управа велат дека состојбата на граничниот премин Богородица е нормална иако не ја споменуваат колоната камиони (Фото: СДК.МК)

    Километарска колона од паркирани камиони и цистерни со македонски, но и со странски регистрации чека по цело деноноќие пред царинската контрола на граничниот премина Богородица, за да продолжат кон Грција. Сликата е иста и во обратната насока. Напикани во три колони, бидејќи нема толку место, во меѓуграничниот простор Евзони-Богородица, пак, стојат камиони со угасени мотори и возачи кои не можат да чекаат по цел ден на над 50 степени на асфалтот, па бегаат под сенки.

    Проблемот е што на високите температури меѓу камионите имаше многу со ладилници, натоварени со свежа и со расиплива храна, а тие по ниту еден закон не смеат да се држат на жештина толку многу часови. Револтиран возач реагираше дека во фрижидерот има сирење и дека ќе се расипе, бидејќи со часови не го помрднал камионот. „Нека кажат колку чини и да ни ги скратат овие маки“, викаше тој.

    Колите и автобусите поминуваат без прекин, а кај камионите нема никакво движење. За половина час колку што траеше едно чекање со автомобил пред 2 дена во меѓуграничниот простор, токму пред нашата граница, не се помрдна ниту едно од товарните возила.

    Вчера се обративме до Царинската управа за недогледните колони камион, кои се исклучиво со македонски регистрации и зошто кај товарните возила нема движење како кај трасите со коли и автобуси. Добивме одговор дека така е нормално.

    „Во однос на бараната информација, по остварен контакт со колегите од Царинарница Гевгелија, известуваме дека фреквенцијата на возила на ГП Богородица, како патнички така и товарни, во текот на денешниот ден е  сосема нормална. Имено, бројот на товарни возила на излез од Република Македонија е незначителен, дури и многу помал од вообичаениот (ова од причина што денес во Република Грција се празнува Богородица, т.е. државен празник ). Влезот на товарни возила во Република Македонија исто така се одвива со намалена фреквенција (повторно заради истата причина,  државниот празник во Република Грција). Задржувањето на патничките моторни возила, како на влез, така и на излез, е  минимално и не повеќе од пет минути, што е време потребно за завршување на неопходните гранични формалности“, ни одговорија од Царината.

    Бидејќи изостана конкретна информација за заглавените камиони, а акцентот го ставиле на протокот на патнички моторни возила, кои не се содржани во прашањето и не се тема на текстот, се обративме повторно до Царинската управа каде е проблемот и што е тоа што се бара од овие фирми што го чини застојот. Одговор за застојот на камионите не добивме.

    „Бидејќи не вршевме утовар поради државниот празник на Грција, денеска ситуацијата ќе биде уште пострашна. Колона камиони ќе има до Гевгелија, а протокот ќе биде со исто темпо, и покрај тоа што колегиве од странство што се заглавени со нас, се јавуваат во амбасадите и реагираат. Оваа ситуација е од пред една година“, тврди возач кој нема дозвола од фирмата за која вози да го открива идентитетот, ни причините за застојот, а особено вели начинот со кој успева кога ќе дојде на ред, да го „убрза“ поминувањето на царинската контрола.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира