НИ ПРАВИТЕ ТОРТУРА, ЧЛЕН НА ДИК ИМА ПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ ПРЕД СОБРАНИЕ, А НЕ КРИВИЧНА ПРЕД СУД, СЕ ПОЖАЛИ ОБВИНЕТИОТ ВО „ТИТАНИК 2“ БЕДРЕДИН ИБРАИМИ

    НИ ПРАВИТЕ ТОРТУРА, ЧЛЕН НА ДИК ИМА ПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ ПРЕД СОБРАНИЕ, А НЕ КРИВИЧНА ПРЕД СУД, СЕ ПОЖАЛИ ОБВИНЕТИОТ ВО „ТИТАНИК 2“ БЕДРЕДИН ИБРАИМИОд судењето за случајот „Титаник 2“ на СЈО на 24 април годинава (Фото: СДК.МК)

    Во тензична атмосфера проследена со комични ситуации поради незнаење на дел од странките за тоа што е вкрстено, а што директно прашање и кога тие (не)смеат да се поставуваат, продолжи судењето за случајот „Титаник 2“ на СЈО, за нерегуларно поништување на гласање во Струмица во 2013 година.

    При испрашувањето на сведокот Субхи Јакупи, поранешен член на Државната изборна комисија (ДИК) кој гласал против поништување на неоснованото гласање, обвинетиот Мендух Тачи мавна со рака на клупата и од место со смеење кажа: „Каков притисок!“.

    Обвинетиот Бедредин Ибраими, пак, за кого сведокот Виолета Дума претходно кажа дека имал идентичен став со неа и со Јакупи, но кога добил повик од шефот (лидерот на ДПА Тачи), го сменил ставот и гласал „за“ поништување на гласањето, рече: „Ова е тортура врз нас!“.

    Судијата Огнен Ставрев го праша: „Кој врши тортура, господине Ибраими? На судот ли мислите? Судот ништо не ви прави“.

    На ова Ибраими одговори на висок тон: „Се врши тортура врз сите нас овде. Член на Државна изборна комисија може да има само политичка одговорност пред Собранието што го бира, а не кривична, да не влечат овде по судови“.

    Во случајот „Титаник 2“, за злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинети се поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Елизабета Стефанова и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ, кои без основ гласале да се поништи гласањето во првиот круг на локалните избори 2013 во Струмица, бидејќи Зоран Заев го победи Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето било по наредба на обвинетиот Сашо Мијалков, за што веќе беа пуштени на преслушување бомби. Во бомбите, се слуша како тогашниот претседател на ДИК Борис Кондарко бара логика и причини за прегласувањето, но овие четири лица го надгласуваат.

    За злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинет е и Мендух Тачи, како тогашен лидер на ДПА, која им беше опозиција на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, но на повик на Мијалков, како што се чу во бомбите, веднаш му се јавува на Бедредин Ибраими и му дава наредба да гласа за поништувањето на резултатите од гласањето во Струмица.

    Судењето продолжува на шести септември и на први октомври. Ќе паузира околу еден месец, поради патување на обвинетиот Сашо Срцев во Америка, на свадба кај ќерка си, на што се согласија обвинителите од СЈО Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира