18 патници се повредени откако утрово околу 3 часот по локално време, авионот „Боинг 737- 800“ кој летал од Москва за Сочи, при слетувањето излетал од пистата, се запалил и завршил во реката во близина на аеродромот.
Во авионот имало 164 патници и 6 членови на екипажот. Авионот имал проблеми при слетувањето поради силниот ветер и дождот. Откако излетал од пистата се удрил во заштитната оргада и дошол до брегот на реката по што се запалил левиот мотор.
Надлежните на аеродромот соопштија дека пожарот бил изгаснат во рок од осум минути. Меѓу повредените 18 лица, три се деца.
Министерот за транспорт Евгениј Дитрих изјави дека еден од вработените на аеродромот кој учествувал во спасувачката акција умрел на местото од срцев удар.
Властите во Русија соопштија дека во тек е истрага за утврдување на причините за несреќата.