Унгарскиот премиер Виктор Орбан го обвини Европскиот парламент за обид за уцена на Будимпешта, поради гласањето да почнат санкции поради загриженоста за владеењето на правото во Унгарија. Европскиот парламент утре ќе гласа дали да ги активира процедурите од т.н. Член 7 против Будимпешта поради непочитување на основните вредности на кои се темели Европската унија. Процесот може да доведе до тоа да ѝ се одземе правото на глас на земјата.
„Унгарија ќе биде осудена бидејќи унгарскиот народ одлучи дека оваа земја нема да биде земја на мигранти“ рече премиерот Орбан на пленарната седница во Стразбур. „Морам да ги одбијам заканите, уценувањето, клеветите од силите кои ги поддржуваат имигрантите. Унгарија ќе ги заштити своите граници, ќе ја запре нелегалната миграција и ќе си ги брани своите права. Ако е потребно ќе ви се спротивставиме и на вас“, рече Орбан.
Ова се случува само неколку месеци откако Европската комисија покрена иста постапка против Полска. Сепак, ова е првпат парламентот да се се обиде да го искористи своето овластување, познато како Член 7. Дебатата ја покрена холандската пратеничка Џудит Саргентини, авторка на извештајот за Унгарија и Фидес партијата на Орбан. Таа рече дека во нејзиниот извештај има темелен попис за нападите врз медиумите, малцинствата и владеењето на правото, што претставува „јасно кршење на вредостите на нашата унија“.
Унгарскиот премиер дојде подоцна и остро ги нападна ЕУ и извештајот на Саргентини. Го отфрли како злоупотреба на моќта и рече дека има 37 сериозни фактички грешки.
„Вие мислите дека ги знаете Унгарците подобро од нив самите“, рече Орбан и вети дека Унгарија „нема да попушти на оваа уцена“.
Саргентини, која го напиша извештајот за Унгарија, рече дека содржи листа на дејства кои претставуваат „голем ризик за сериозно кршење на вредностите на Европската унија“.
„Владата на Унгарија ги замолчи независните медиуми, отстрани независни судии, укина организации кои им помагаа на бездомнците и мигрантите и обесправените групи како што се Ромите, а на владините претставници им дозволи да се збогатат од парите на даночните обврзници“, рече Саргентини.
Европската комисија изразува сериозна загриженост поради извештајот, рече потпретседателот Франс Тимерманс.
Унгарија и Европската комисија со години се соочуваат со проблеми поради ставот на Будимпешта за миграцијата.
„Комисијата ќе биде немилосрдна ако не се почитуваат основните вредности на ЕУ и нема да се двоуми, ако е потребно, да преземе следни чекори“, рече Тимерманс.