ПРЕТХОДНАТА НА СЕГАШНАТА ВЛАСТ Ѝ ЈА НАТОВАРИ ТОПЛИФИКАЦИЈАТА НА БИТОЛА

    ПРЕТХОДНАТА НА СЕГАШНАТА ВЛАСТ Ѝ ЈА НАТОВАРИ ТОПЛИФИКАЦИЈАТА НА БИТОЛАПостројка за одземање пареа од турбините на РЕК „Битола“ (Фото: СДК.МК)

    Во Општина Битола, покрај најавената гасификација ќе мора да се спроведе и топлификација, проект на претходната власт, поради меѓународен договор што во 2015 година бил потпишан од тогашните власти, ЕЛЕМ и КФВ банката за обезбедување заем од 39 милиони евра за изградба на систем за Битола, Новаци и Могила.

    Актуелната локална власт за време на изборите минатата година го критикуваше проектот на топлификација дека ВМРО-ДПМНЕ го ветувал со години, а не го реализирал, дека е далеку поскап од гасификацијата, а ќе зависи од рокот на траење на РЕК и дека нема да биде еколошки зашто ќе треба да се дозагрева водата преку локални топлани.

    На последната седница на Совет, советничката од Поинаку, Габриела Илиевска ја праша градоначалничката Наташа Петровска до каде е проектот за топлификација и гасификација и како ќе ја проведува топлификацијата кога и самата беше против неа како советник во претходниот Совет?

    Петровска написмено одговори дека гасификацијата ќе ја проведува Општина Битола, а топлификацијата ЕЛЕМ.

    „Во овој случај затоа што се работи за меѓународен договор, обврските кои се преземени од претходната Влада мора да се реализираат. И понатаму стоиме на ставот дека топлификацијата е премногу скапа инвестиција за мала општина како што е Битола, но како и во многу други случаи товарот оставен од претходниците особено ако е со договори од меѓународен карактер мора да се носи“, одговори Петровска.

    Според неа, поисплатлива е гасификацијата, но ќе се реализираат и двата проекта, па моментално се во фаза на усогласување. Пред неколку месеци имаше најави дека Битола ќе добие гас до 2020 година, а од годинешниот буџет Општината издвои 15 милиони денари за почнување на постапката за гасификација.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира