ЈАС СУМ ТАА НА СНИМКИТЕ ШТО ГО ОБИКОЛИЈА СВЕТОТ, КАКО ВИСАМ ГОРЕ НА ГАЛЕРИЈАТА, БЕВ СИГУРНА ДЕКА НЕМА ЖИВА ДА ИЗЛЕЗАМ ОД СОБРАНИЕТО, СВЕДОЧЕШЕ ПРАТЕНИЧКАТА КУЗМАНОВСКА ЗА 27 АПРИЛ

    ЈАС СУМ ТАА НА СНИМКИТЕ ШТО ГО ОБИКОЛИЈА СВЕТОТ, КАКО ВИСАМ ГОРЕ НА ГАЛЕРИЈАТА, БЕВ СИГУРНА ДЕКА НЕМА ЖИВА ДА ИЗЛЕЗАМ ОД СОБРАНИЕТО, СВЕДОЧЕШЕ ПРАТЕНИЧКАТА КУЗМАНОВСКА ЗА 27 АПРИЛ„Кога станав, погледнав пак доле во прес-центарот. Добро ќе беше никогаш да не погледнам, оти тоа беше ужасно. Радмила Шекеринска ја влечеа за косата, Соња Мираковска вриштеше, Милева Ѓеорѓиевска се згрчи од ударот што го доби. Сите беа крвави, летаа предмети“, сведочеше Катерина Кузмановска на денешното рочиште на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: СДК.МК)

    Јас бев сигурна дека нема да излезам жива од Собранието, немав доверба во никого. Ако не беше тој гнев и говор на омраза деновите пред 27 април ова немаше да се случи, со многу емоции и треперење на гласот сведочеше пратеничката Катерина Кузмановска на денешното судење за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017. Кузмановска кажа дека во моментот кога толпата дошла во прес-центарот таа била горе во галеријата и седела да оградата спремна да се симне долу.

    „Јас сум таа на снимките што го обиколија светот, како висам горе на галеријата. Требаше да се симнам долу, ја фрлив чантата, чевлите и тогаш колегата Максим Димитриевски кој ни помагаше да се симнеме ми викна не слегувај, ги пробија вратите, не е безбедно. Седев на оградата и гледав сè долу. Не можам да сфатам колку гнев имаше, слушав убијте ги, нема да излезете живи. Видов удар врз Зоран Заев и како крвави, удар врз Дамјан Манчевски, Максим го гушна да го заштити Заев. Не можев да дишам ниту да се симнам од ѕидот на галеријата. Тогаш, Мухамед Зекири кој исто беше горе ми помогна да се симнам“, сведочеше Кузмановска на денешното рочиште на судењето, во кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.

    Потоа во галеријата, како што кажа пратеничката, влегла толпата и мислела дека ќе бидат фрлени од горе и затоа решиле да се обидат да излезат од галеријата.

    „Кога станав, погледнав пак доле во прес-центарот. Добро ќе беше никогаш да не погледнам, оти тоа беше ужасно. Радмила Шекеринска ја влечеа за косата, Соња Мираковска вриштеше, Милева Ѓеорѓиевска се згрчи од ударот што го доби. Сите беа крвави, летаа предмети. Никогаш нема да ги заборавам овие моменти. Ја покрив главата и излегов од галеријата, но во ходникот добив удар, паднав. Не знаев кај да одам, бев боса, имав исекотини по нозете“, рече Кузмановска.

    Потоа, како што кажа човек ,од обезбедувањето ѝ се добижил и ѝ помогнал да се симнат во собраниската амбуланта. Таму била пратеничката Радмила Шекеринска која обилно крвавеле од главата и таа, бидејќи е докторка, ѝ дала прва помош. Во амбулантата седеле во темница со изгаснати светла оти надвор имало луѓе, а низ ходниците постојано минувале дел од оние што насилно влегле во собранието кои викале и се заканувале.

    „Потоа нè однесоа во кабинетот на пратеникот Влатко Ѓорчев, таму дојдоа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Бевме колеги пратеници но само се гледавме, никој не зборуваше, само еден или двајца нè прашаа како сме и рекоа дека жалат за тоа што се случи. Тоа што се случи не може да се опише и долови со зборови. Можеше да се случи најлошото, да бидат убиени луѓе“, рече Кузмановска.

    Денеска прв сведочеше пратеникот Енес Ибраим, па  тогашниот пратеник, а сега заменик-министер за образование Петар Атанасов, а по Кузмановска ќе сведочи и Хари Локвенец.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира