Таткото на режисерот Јани Бојаџи денеска е приведен во рамки на акција за сузбивање криминална група за криумчарење артефакти, во која се уапсени 13 лица во неколку градови, вели МВР, откако режисерот вечерва објави дека во домот на неговите родители во Струмица утринава е извршен претрес по што татко му е приведен и донесен во полициската станица во Гази Баба во Скопје.
„Лицето А. Б. е лишено од слобода во склоп на акцијата на одделот за сузбивање на организиран криминал за сузбивање на криминална група во повеќе градови во државата, при што се привремено одземени голем број на артефакти, а лишени од слобода се 13 лица. Утре на прес-конференција ке ги соопштиме сите детали“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Режисерот Бојаџи, кој вечерва е на македонската премиера на неговиот филм „Ругање со Христос“ на отварање на фестивалот Киненова во скопското кино Милениум, околу 19 часот на Фејсбук објави за приведувањето на татко му.
„Почитувани, да, утринава во домот на моите родители во Струмица е извршен претрес и после неколку часа мојот татко Андони (75) е донесен во Скопје и приведен во полициската станица во Гази Баба. До овој момент со него не разговарал полициски инспектор, обвинител или судија! Ви благодарам на подршката на сите вас кои денес од раните утрински часови бевте со мене и моето семејство. Да сте живи и здрави. Се гледаме за помалку од час во Кино Милениум.Татко ми со мислите ќе биде со сите нас!“, напиша Бојаџи.
Филмот на Бојаџи е актуелен изминатиов период по реакциите од Министерот за култура Асаф Адеми и од директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, кои иако велат дека не го гледале филмот туку само трејлерот, го оценија како скандалозен, без уметничка вредност и оти ги навредува чувствата на Албанците оти војниците на ОНА се претставени како насилници силувачи.
Бојаџи пред 3 дена обвини дека власта се обидува да ја спречи премиерата и кинодистрибуцијата на „Ругање со Христос“ во Македонија, а вчера кажа и дека филмот е одбиен од сите центри за култура, како и од Синеплекс.
„Ми кажаа дека до крајот на годината немаат ниту еден слободен термин. И во кино Милениум и во кино Фросина. Исто и во Кино Култура, во Битола, во Куманово и во други градови“, изјави вчера Бојаџи.
- ФЕСТИВАЛОТ КИНЕНОВА ЛАЖЕ ДЕКА СМЕ ИМ ГИ ОГРАНИЧИЛЕ БИЛЕТИТЕ ЗА „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“, ДИРЕКТОРОТ ЈОВАНОВИЌ ОДАМНА ГО ПОТПИША ДОГОВОРОТ, ВЕЛИ МКЦ
- НЕ СУМ ГО ГЛЕДАЛ „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ МИ ИСПРАТИ ТРЕЈЛЕР И УВИДОВ ДЕКА Е ПАРТИСКА ПРОПАГАНДА И ЗАЗЕМА СТРАНА, ВЕЛИ ТОЗИЈА ЗА ФИЛМОТ НА БОЈАЏИ ШТО ГО ОСУДИЈА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА И АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ
- МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ПОВИКУВА НА НАСИЛСТВО И ТЕРОР ВРЗ МЕНЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ НА „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ ЈАНИ БОЈАЏИ
- ИАКО НЕ ГО ГЛЕДАЛ, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ СМЕТА ДЕКА ФИЛМОТ „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ Е НАВРЕДЛИВ ЗА АЛБАНЦИТЕ
- „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ НА БОЈАЏИ ДОБИ НАГРАДА ЗА ИНОВАТИВНОСТ ВО МОНТРЕАЛ
Б. НЕСТОРОСКА