Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со кои неколку дена преговараат нивните колеги од СДСМ и ДУИ за да ги сретнат уште еднаш аргументите за поддршка на уставните измени во врска со Договорот со Грција, се жалат пред нив и пред странски амбасадори дека се под закана за животот ако ги поддржат амандманите во Собранието. Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, тие што ги добиле заканите на мобилен телефон ги покажувале пораките пред колегите пратеници, но и пред некои од меѓународните претставници и новинари. Во некои од заканувачките пораки на смс, вибер и на воцап се споменувани и деца.
Наводно, поради недоверба во МВР и во Обвинителството дека ќе им пружат соодветна заштита, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ засега не ги пријавуваат заканите, иако и тоа не може со сигурност да се потврди, оти некои од нив тоа го прават по заобиколен пат, најчесто преку претставниците на амбасадите на западните земји.
Поддршка за уставните амандмани се бара со гаранција дека гласањето во Собранието ќе биде тајно, согласно Деловникот. Тоа значи дека гласањето би се изведувало во заграден пулт во пленарната сала во Собранието, каде секој пратеник ќе пристапува поединечно и тајно ќе гласа „за“ или „против“ уставните измени, за додавање во Уставот на одредницата „Северна“ на името Република Македонија.
До вчера, според извори од преговарачките тимови, наводно фалеле уште три гласа за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени. Дали денеска таа бројка е сменета не е познато, но се слушна од извори од ВМРО-ДПМНЕ дека на мнозинството во пратеничката група им спрема изненадување на оние пратеници во нивните редови кои се согласиле тајно да гласаат за амандманите.
Според сценариото, непосредно пред тајното изјаснување, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја напушти седницата. Со нив, велат нашите извори, ќе мора да излезат и нивните сопартијци кои се со намера да ги поддржат измените, за да не се откријат кои се.
Поради ова, повторно на маса вчера била вратена опцијата за предвремени, брзи избори, за да се стигнат роковите за фазите за верификација на Договорот меѓу Македонија и Грција, кого треба да го ратификува во рок и грчкиот парламент. За примена на Изборниот законик со моделот Пржинска влада, велат во СДСМ, нема време исто како што нема време да се чека исходот од судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, кое не се знае колку ќе трае.
При евентуално докажување вина за нападот на Соранието и евентуални пресуди за петтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, од пратеничката група би се одлеале четворица пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои со осудениот Никола Груевски се пет. Плус пратеникот од Социјалистичката партија, тоа се вкупно шест.
На нивно место треба да дојдат пратеници од долниот дел на листите на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, луѓе кои биле сметани за маргиналци и кои немаат врска ни со долгомесечните блокади од десетте расцепкани пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, ниту со нападот на Собранието, а дел од нив и не се ни од оваа партија.
Ноќта помеѓу 6 и 7 октомври во три часот, поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој чека упатен акт за двегодишната затворска казна во предметот на СЈО „Тенк“ за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, преку Фејсбук им се обрати на пратениците од неговата партија. Им кажа да издржат, да не стиснат копче „за“ уставните амандмани, оти ќе издржел и тој.
Но, Груевски треба да издржи уште 4 судски процеси, за кои обвиненијата против него не се толку едноставни како за вршењето влијание да се купи толку скап мерцедес со парите на полицијата во време кога им беа кратени дневниците, носеа ветви униформи и немаа, како што се слуша во бомбите, бензин да одат да вршат увид.
При крај е судскиот процес „ТНТ“, каде Груевски е обвинет дека го нарачал уривањето на комплексот „Космос“ од 50 милиони евра на Фијат Цаноски, од политичка одмазда. Тече и процесот „Траекторија“ за изградбата на кинеските автопати, каде Груевски е обвинет дека бил мотивиран да земе провизија „5 отсто од целото“. Тече и процесот „Титаник“ за злосторничко здружување и тешки изборни нерегуларности, за кои се предвидени исто така повеќегодишни затворски казни. Дури, по 2 години кочење, се забрза и судскиот процес за насилствата во Општина Центар, каде Груевски нарачува членови и симпатизери да влезат во Општината и на тогашниот градоначалник Андреј Жерновски да му врзат неколку јаки шамари.
Обвинителството за организиран криминал ја истражува поврзаноста на Груевски и со повикот од Виена, вечерта кога се случи организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.
СЈО за него води предистраги и за перење пари во „Талир“ (за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ), за криминал со електрична енергија како што рече специјалната обвинителка Катица Јанева, како и за Скопје 2014.
С К. ДЕЛЕВСКА