Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори шест нови истраги, бидејќи нашло докази дека има основано сомнение за предизвикана финансиска штета на Буџетот на РМ во износ од речиси 80 милиони евра.
- Подарок
Во истрагата под кодно име „Подарок“, осомничени се ексминистрите за финансии Зоран Ставрески и за транспорт и врски Миле Јанакиески, заедно со Крсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси АД Скопје, во периодот јануари 2012 – јули 2014 година, со умисла ја искористиле службената положба и овластување и за руската компанија ОАД Стројтрансгас од Москва прибавиле противправна имотна корист во износ 2.008.877.000,00 денари, односно близу 33 милиони евра и во истиот износ го оштетиле државниот буџет.
Ставрески и Јанакиески биле овластени претставници за спроведување на Меѓувладината спогодба, склучена на 19 јуни 2010 година во Санкт Петерсбург меѓу Владите на РМ и Руската Федерација за регулирање на обврските на некогашниот СССР кон поранешната СФРЈ во делот на обврските кон Македонија.
Со спогодбата се регулира рускиот долг во износ од 60.560.242,44 американски долари да се затвори преку испорака на стоки, услуги и извршување на работи. Во преговорите, Ставрески и Јанакиески договориле таа сума да се затвори со изградба на магистрален гасовод, делница „Клечовце – Блок станица 5“ за вкупна сума од 75.700.303,05 американски долари, или 55.647.292,77 евра, при што Русија учествува со 80 отсто, а Македонија со 20 отсто.
Согласно студијата цената на чинење на изградба на делницата би била помеѓу 30 и 35 милиони евра, така што осомничените Ставрески и Јанакиески биле наполно свесни дека реалната цена е многу пониска од онаа договорена со руската страна. Сепак, и покрај тоа Ставрески и Јанакиески целокупниот руски долг го затвориле со обезбедување на услуга – изградба на гасовод, во изведба на компанијата од Москва.
Така, на затворена владина седница, со присуство на осомничените министри, Владата донела заклучок да се прифати понудата на руската компанија и да се потпише конечен договор. Потоа, Собранието на РМ, го прифатил владиниот предлог и во скратена постапка донело закон за изградба на гасоводот, при што од пратениците биле сокриени фактите од Физибилити студијата, според кои, реалната цена на чинење е далеку пониска, или, само 378.626,37 евра (за еден километар гасовод).
Во насока на склучување на договорот, осомничениот Крсте Миладинов, како директор на „Македонски енергетски ресурси“ ја прифатил нереално високата цена на услугата од договорот, иако бил запознат со Физибилити студијата, оттаму и со реалната цена на чинењето на изградбата на гасоводот, па на 9 јули 2014 во Скопје го склучил договорот со руската компанија, со што на оваа компанија ѝ е овозможена противправна имотна корист во износ од 32.664.672 евра и 11 центи, колку што е оштетен и буџетот на Република Македонија.
Со ова, постои основано сомнение дека Ставрески, Јанакиески и Миладинов сториле кривични дела Злопупотреба на службена положба и овластување,.
Со една реченица, Македонија фактички со свои средства си го платила гасоводот, бидејќи учествувала со 20 отсто во договорот, што отприлика е целокупната (реалната) сума на чинење, а долгот на Русија спрема Македонија, фактички останал „подарок“ за Русија, објаснува СЈО.
- Пропаганда
Во истрагата наречена „Пропаганда“, осомничени се 9 лица: Никола Груевски, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис, поради основано сомнение за сторени кривични дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.
Предмет на оваа истрага е влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот на РМ, а во насока на поддршка на делувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
- Дизајн
Истрагата „Дизајн“ е за злоупотреби со набавката на двокатните кинески автобуси и таа опфаќа 4 лица од Министерството за транспорт и врски. Осомничени се за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 в.в. со ст. 1 в.в. со чл. 22 од КЗ на РМ.
Во периодот од 2009 и 2010 година осомничениот Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, осомничената Снежана Филиповска-Павлеска како претседател на Комисијата за спроведување на јавни набавки, а осомничените Игор Јанушев и Јулијана Јанкуловска- Атанасова, како членови на комисијата за спроведување на јавни набавки на двокатни автобуси за град Скопје, формирана од министерството, ги искористиле своите службени положби и овластувња и го фаворизирале економскиот оператор Јутонг од Кина во однос на другите учесници на тендерот. За Јутонг тие прибавиле незаконита корист со склучување на договор за набавка на 202 двокатни автобуси, нанесувајќи му штета на буџетот на Р.М. во износ од 5.000.000 евра.
Тендерот претходно бил поништен два пати. Јутонг конкурирал, но не ги исполнувал условите. Јанакиески, за да го фаворизира, во третиот тендер додал и услов „дизајн“, кој носи 20 бода. На огласот се јавиле два економски оператори, Јутонг од Кина и Кинг Лонг од Бугарија, по што осомничените (претседателот и членовите на комисијата), при разгледување на понудите, го фаворизирале економскиот оператор Јутонг, иако истиот не доставил сертификат за квалитет ИСО 9001:2000, туку доставил сертификат ИСО/ТС 16949:2002, а банкарската гаранција пак која ја доставил била издадена од Охридска банка АД Скопје, која не поседувала „Б“ кредитен рејтинг (што било услов во тендерската документација).
Како комисија за спроведување на јавната набавка наместо да ја отфрлат ваквата понуда, тие продолжиле со евалуација на двете доставени понуди.
Понудата на економскиот оператор Кинг Лонг била второрангирана, поради тоа што истата не ги освоила потребните бодови за критериумот за елементот дизајн, иако истата била поевтина за 5.000.000 евра од понудата на Јутонг.
Министерот Јанакиевски, бил должен да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти во истата, меѓутоа тој тоа не го сторил тоа, со што постапил спротивно на чл. 169 од Законот за јавни набавки и на ден 14.04.2010 година склучил договор за купопродажба на автобуси со кинески Јутонг.
- Хармонија
Истрагата под кодно име „Хармонија“ опфаќа три осомничени лица, повторно за Злоупотреба на службената положба и овластување.
Постои основано сомнение дека во 2012 година осомничените Никола Груевски претседател на Владата на РМ, Миле Јанакиевски и Стевчо Јакимовски, градоначалник на општина Карпош, со искористување на својата службена положба, како соизвршители, за Приватен Меѓународен Балкански Универзитет Скопје прибавиле значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 евра, на следниов начин:
Груевски, наведува СЈО, поради блиски пријателски врски со лица од Турција, им помогнал на сопствениците да се стекнат со две градежни парцели на атрактивно земјиште во северниот дел на касарната Илинден, по нереално ниска цена од само 71 денар по м2, наспроти предвидената почетна цена од 1.400. ден по м2. Груевски на седница на Владата издејствувал измена на уредбата која се однесува на продажба на државното земјиште, со што била утврдена почетна цена од 61 денар по м2 за јавно наддавање.
Во договор со шефот Груевски, Миле испратил допис до Стевчо Јакимовски, градоначалник на општината да спроведе постапка за отуѓување на споменатите парцели по пат електронско наддавање.
Со цел да се минимизира можноста за учество и на други правни субјекти во наддавањето, Груевски предвидел дополнителен посебен услов – учесниците освен акредитација за високо образование, да приложат и несразмерно висока гаранција од 100.000 евра по парцела.
По објавата за јавното наддавање на почетокот на месец мај, Балкански универзитет се пријавува на наддавањето кон крајот на месец мај, но комисијата утврдила и по електронски пат го известила универзитетот дека документацијата не е комплетна и дека не може да учествува.
Во договор меѓу Миле Јанакиевски и Стевчо Јакимовски, градоначалникот некомплетните документи му ги вратил на претставник од Универзитетот, по што употребувајки ја својата службена положба побарал од комисијата повторно да ги прими назад, сега веќе комплетните документи и да му допуштат да учествува на електронската аукција.
На тој начин му овозможил на правниот субјект како единствен учесник на аукцијата да се стекне со две парцели по цена од само 71.00 денар по м2, со што му овозможиле на Универзитетот да се стекне со значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 евра.
Следната година, во ноември, осомничените Груевски и Миле повторно на Балкански универзитет му овозможиле противправна имотна корист, во износ од 15.951.237,00 денари односно 259.370 евра, а на штета на буџетите на град Скопје и општина Карпош овозможувајќи им незаконски да платат 50% пониска цена комуналии за изградба на објект на споменатите две парцели.
- Базни станици
Во истрагата наречена „Базни станици“, пак, опфатен е само Жарко Луковски за основано сомневање дека сторил Злоупотреба на службената положба и овластување. Според доказите, во текот на 2011 година осомничениот Жарко Луковски, тогаш главен извршен директор на Т-мобиле Македонија АД, на ДГ Бетон АД Скопје му прибавил значителна имотна корист од 3.522.400 евра, а на акционерите на Т-мобиле Македонија, меѓу кои е и државата, им нанел штета во висина на приходот од неоствареното право на дивиденда.
Со цел легализација на дивопоставени базни станици, патем предвидено со Законот за постапување со бесправно изградени објекти, во април 2011 година побарал финансиска понуда од ДГ Бетон за таа компанија за компанијата Т-мобиле Македонија да ја заврши постапката за утврдување на правниот статус на нејзините базни станици, иако Т-мобиле Македонија поседувал соодветен тим на стручни и лиценцирани лица, кои и претходно работеле на утврдување на правниот статус на базните станици и тоа во износ од по околу 3.000 евра по објект. Нагласуваме дека ДГ Бетон како правно лице претходно никогаш нема давано услуги од овој вид, а во фирмата постоел само еден вработен со соодветното работно искуство.
Сепак, набрзо ДГ Бетон ја известил компанијата Т-мобиле Македонија дека бараната услуга може да ја изврши, по што на 15 август до ДГ Бетон доставил конечна понуда од 9.800 евра по објект, како и 2.500 евра за докомплетирање на документација за други стари базни станици.
„Нагласуваме дека станува збор за сума по базна станица која е за повеќе од три пати повисока во однос на таа за која истата работа можела да биде завршена од страна на стручниот тим на Т-мобиле Македонија“, вели СЈО.
Од доказите произлегува дека на 27 декември истата година осомничениот Жарко Луковски, во име на Т-мобиле Македонија, потпишал договор со претставник на ДГ Бетон за утврдување на правниот статус на базните станици и нивно запишување во јавните книги за недвижност, по веќе споменатата цена од по 9.800 евра по објект, без ДДВ но, вклучително и за 518 комуникациски објекти за кои документацијата само технички била доставена до ДГ Бетон, бидејќи истата веќе била изготвена во Т-мобиле Македонија.
Оттаму, вели СЈО, на ДГ Бетон му останала обврска оваа веќе изготвена документација само физички да ја однесе во Архивата на Министерството за транспорт и врски.
На овој начин, ДГ Бетон се стекнал со имотната корист од над 3,5 милиони евра, додека акционерите, меѓу кои и државата претрпеле штета во приходи од неостварена дивиденда.
- ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БУЈАР ОСМАНИ ОСОМНИЧЕН ВО НОВА ИСТРАГА НА СЈО „ПАЦИЕНТ“
- ДИРЕКТОРОТ НА МРТВ МАРЈАН ЦВЕТКОВСКИ, ЕКСГАЗДАТА НА „КУРИР“ АЦО МИСАЈЛОВСКИ НА ЧЕЛО СО ГРУЕВСКИ МЕЃУ 9-МИНАТА ОСОМНИЧЕНИ ВО „ПРОПАГАНДА“ НА СЈО, ЗА КУПУВАЊЕ ВМРОВСКИ МЕДИУМИ СО 30 МИЛИОНИ ЕВРА ДРЖАВНИ ПАРИ
С. К. ДЕЛЕВСКА