Првата ТВ-серија за деца за сексуално вознемирување ќе биде емитувана вгодина, најави авторот на проектот, државната италијанска телевизија РАИ. „Џемс“ е приказна за 11-годишното девојче Џој, која ќе биде вознемирувана од семеен пријател, моќен адвокат кој игра фудбал со нејзиниот татко. Серијата, која е наменета за деца од 9 до 14 години, е прва серија во светски рамки која третира чувствителна тема, велат од РАИ.
Директорот на РАИ Лука Милано за АФП изјави дека сериите во иднина може да третираат теми како сексуално насилство, злоупотреба и посрамување меѓу децата. Милано рече дека екипата работела со голем број на водечки детски психолози, пред секоја сцена да била напишана или снимена.
„Серијата е напишана и сега се снима со контрола од тим од невропсихијатри од болница во Рим, кои се специјалисти во оваа област. Екипата помогна не само во пишувањето на сценаријата, туку работеа и со децата кои глумат во серијата. Тие се сепак деца и мора да поминат низ многу тешки моменти“, додаде Милано.
Серијата е конципирана за да ги поттикне децата да се отвораат, и да ги препознаваат сигналите и ризичните ситуации.
„Ги учиме децата да зборуваат со возрасните. Затоа што не е лесно дете да се отвори пред возрасен човек за ваква тема“, кажа Милано.
Снимањето ќе заврши на крајот на ноември, но РАИ веќе работи на едукативна кампања која ќе го придружува емитувањето на серијата.