Треба да најдеме начин да се помириме, но со барањето за амнестија за нападот во Собранието на 27 април 2016 година, не смееме да ја урнисаме правната држава, вели премиерот Зоран Заев.
Премиерот Заев претпладнево беше во посета на археолошкиот локалитет Стоби, каде што беше промовирана завршената кршталница, изработена со донација од амбасадата на САД во Македонија.
„Со барањето за амнестија, не смееме да ја урнисаме правната држава. Европската унија го следи процесот на владеењето на првото во земјава. Правните реформи се најзначајните реформи и сè што правиме треба да биде на внимателен начин, така како што е дозволено, за да го предизвикаме и потврдиме националното помирување, а да не ја потопиме правната држава. Помирувањето не значи мешање во правосудството во Македонија. Чекорите, методот, начинот на национално обединување треба да ги пронајдеме“ , одговори Заев на прашањето дали го прифаќа барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за амнестија за 27 април.
На прашањето дали напролет може да има заедно и вонредни парламентарни со претседателски избори, Заев рече дека далеку е отсега да се каже.
„Може, ако некои големи фактори, моменти тоа го предизвикаат, но засега не. Верувам во полн мандат, заради бизнисот и граѓаните и по подолго време да имаме четиригодишен мандат“ , рече Заев.
П. ПЕЧКОВ