80 ОТСТО ОД УБИСТВАТА НА ЖЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ФЕМИЦИДИ И НАЈЧЕСТО СЕ УБИЕНИ ОД НИВНИОТ ПАРТНЕР

    80 ОТСТО ОД УБИСТВАТА НА ЖЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ФЕМИЦИДИ И НАЈЧЕСТО СЕ УБИЕНИ ОД НИВНИОТ ПАРТНЕРМинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека треба да се направат законски измени, кои ќе ги подготви Министерството за правда. - Спасовски и министерката за труд и социјала Мила Царовска (Фото: МТСП)

    Над 80 отсто од жените што се убиени во Македонија се убиени од нивните партнери, без оглед дали се во брачна или вонбрачна заедница, или пак од некој друг член на семејството, браќа или татко. Елена Димушевска, од Националната мрежа за да запре насилството врз жените и домашното насилство, кажа дека анализата на фемициди што ја направиле, а тоа се убиства врз жени базирани врз родова нееднаквост, покажала дека жените најчесто се убиени во нивниот дом од постојниот или сегашниот партнер или во новото живеалиште доколку станува збор за развод.

    „Ги анализиравме податоците од 2008 до 2016 година, според кои во овој период убиени се 70 жени. Од нив 53 идентификувавме како жртви, а 31 како фемицид. За сите 54 случаи не ги добивме судските досиеја за судењата што се вршени, туку само 34. Од анализата на овие 34 случаи утврдивме дека 28 се фемициди. Убиствата ги вршат нивни блиски, најчесто интимниот партнер во нивниот дом. Жените се убивани на местото каде треба да бидат најбезбедни и од оние кои всушност треба да ги заштитат. Исто така утврдивме дека најчесто убиствата се вршени со пиштол, кој го поседуваат нелегално“, рече Димушевска.

    Таа кажа дека Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи се клучните институции, кои може да ги превенираат овие убиства, ако навреме реагираат. Димушевска кажа дека е потребна и промена на Кривичниот законик со кој ќе се извадат олеснителните околности за сторителот во случај на фемицид, и дека сега во законските одредби нема казни за родово базирано насилство.

    Изработката на студијата за фемициди во Македонија финансиски е поддржана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

    Луиза Винтон, постојниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија, кажа дека во суштина разликувањето на фемицид од убиство е затоа што жените се убиени само затоа што се жени и дека застрашувачките податоци дека над 80 отсто од убиствата се од интимниот партнер покажуваат дека медиумите треба да избегнуваат во своите известувања да пишуваат дека е убиство од љубомора или страст. Таа рече дека студијата покажала дека пред убиството во повеќето случаи и претходно имало насилство во семејството и дека во овој дел институциите треба да работат на превенција.

    Министерската за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека по ратификацијата на Истанбулската конвенција донеле план со конкретни мерки која институција што треба да преземе за да се спречи родовобазирано насилство. Со овие мерки, како што кажа таа, е предвидено центрите за социјални работи, здравствените институции и полициските станици секој случај да го разгледуваат одделно.

    „Четирите шелтер центри кои беа заборавени повторно ги отворивме, а со Министерството за здравство и МВР во Тетово, Куманово и Скопје отворивме центри за жртви на сексуално насилство. Како соседи ако чуеме насилство треба да го пријавиме, оти тоа не е приватна работа“, рече Царовска.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека треба да се направат законски измени, кои ќе ги подготви Министерството за правда.

    „Годинава зголемен е бројот на пријавени случаи, но не е нешто поголем од лани. Во секој случај превенцијата е на ниско ниво“, кажа Спасовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира