МОСТОТ КАЈ БАШИНО СЕЛО ВО ВЕЛЕС ИТНО ТРЕБА ДА СЕ САНИРА, ПОКАЖАА ИСПИТУВАЊАТА НА СТАБИЛНОСТА

    МОСТОТ КАЈ БАШИНО СЕЛО ВО ВЕЛЕС ИТНО ТРЕБА ДА СЕ САНИРА, ПОКАЖАА ИСПИТУВАЊАТА НА СТАБИЛНОСТАИнспитувањата покажале дека потребно е да се санираат столбовите кои се напукнати, да се заштити арматурата која е сериозно оштетена од корозија со годините, да се реши одводнувањето на мостовската конструкција, да се замени асфалтниот слој.(Фото: СДК.МК)

    На мостот кај Башино Село итно му е потребна санација, покажале резултатите од испитувањето на стабилноста на мостот на Заводот за испитување на материјалите во соработка со Градежниот факултет од Скопје.

    По добиените резултатите градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, вели дека санацијата не е трајно решение, туку потребно е изградба на нов мост преку Вардар.

    „Резултатите не се добри. Стручњаците констатираа дека е потребно итно да се направат одредени санации на мостовската конструкција, да не се доведе во прашање статичката стабилност. Потребно е да се санираат столбовите кои се напукнати, да се заштити арматурата која е сериозно оштетена од корозија со годините, да се реши одводнувањето на мостовската конструкција, да се замени асфалтниот слој да не предизвикува вертикални динамички влијанија. Санацијата не е трајно решение“, кажа градоначалникот Коцевски.

    Бидејќи изградбата на нов мост или санација на постојниот е голема финансиска обврска, градоначалникот Коцевски помош побарал од Владата, односно за следната година да предвидат средства за изградба на мост преку реката Вардар, кој ќе се наоѓа кај зградата на ЈВП „Лисиче“.

    Постојниот мост, чија стабилност е нарушена, е стар 47 години, изграден од ЈНА во 1971 година како времен, во должина од 101 метар.

    „Потребно е мостот да се категоризира, да биде регионален пат. Преку него за 60 минути минуваат 39 шлепери, 43 товарни возила и комбиња и 250 коли што не одговара на локален пат. За возврат дел од улицата Благој Ѓорев да го изгуби статусот регионален пат. Со трајна санација ќе му се продолжи векот за уште 10 години. Потребно е ограничување на брзината од 20 километри. Експертите сметаа дека таму не смеат да минуваат камиони со носивост од 40 тони, но ако се забранеше, тогаш ќе се оптовареше сообраќајот во централното градско подрачје, бидејќи тие возила мораа да поминат низ градот“, вели Коцевски.

    Мостот кај Башино Село добива на значење, по најавите дека депонијата со згура близу Топилница, наместо со воз, според најавите на концесионерот, ќе се пренесува со камиони и тоа секој ден по стотина ќе мора да минуваат преку мостот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира