ВМРО-ДПМНЕ ПРЕДЛОЖИ ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА ЗА 27 АПРИЛ, СЕ БАРА АМНЕСТИРАЊЕ И НА ОРГАНИЗАТОРИТЕ

    ВМРО-ДПМНЕ ПРЕДЛОЖИ ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА ЗА 27 АПРИЛ, СЕ БАРА АМНЕСТИРАЊЕ И НА ОРГАНИЗАТОРИТЕДосегашниот координатор на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, за писмото на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, рече дека проблемите ќе ги решавале внатре во партијата и смета дека господинот Сашо Мијалков и семејството Мијалкови дале голем придонес и во осамостојувањето на државата и во водењето и во развојот на ВМРО-ДПМНЕ.(Фото: СДК.МК)

    ВМРО-ДПМНЕ го поднесе во Собранието предлог законот за амнестија на учесниците и организаторите на нападот во Собранието на 27 април лани. Се предлага Собранието да го донесе по скратена постапка.

    „Со овој закон се предвидува и се уредува начинот на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените постапки и целосно ослободување од издржување на казната затвор, а за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела: учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, насилство, учество во толпа што ќе изврши кривично дело и дело за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност. Со овој предлог закон се предвидува и бришење на осудата на лицата осудени заклучно со денот на влегување на сила на овој закон“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев на денешната прес-конференција во Собранието.

    Со овој закон би биле опфатени сите учесници во насилствата од 27 април во Собранието, вклучувајќи ги и пратениците, но и организаторите.

    „Овој предлог закон обезбедува правда за сите, вистинско национално помирување наместо селективност и поделби кои ги нуди СДСМ. Целта е национално помирување и враќање на нормалните текови во државата“, рече Данев.

    Судењето на 33-ца обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за време на нападот во Собранието на 27 април лани е во тек и се очекува да заврши во јануари.

    Обвинителката за организираниот напад на Собранието Вилма Русковска, на 25 септември изјави дека се надева оти организаторите на нападот ќе одговараат и дека тој предмет е во предистражна постапка.

    Досегашниот координатор на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, за писмото на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не сакаше да коментира, само кратко изјави:

    „Проблемите ќе ги решаваме внатре во партијата. Во однос на господинот Мијалков и семејството Мијалкови тие дале голем придонес и во осамостојувањето на државата и во водењето и во развојот на ВМРО-ДПМНЕ. Не би коментирал понатаму“, рече Данев.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира