Повеќе градови во Источна Македонија, како Берово, Делчево, Пехчево, но и поголемите Кочани и Штип, остануваат без лекари, но и без професори, кои заминале или се подготвуваат да живеат во странство. Но, најспецифична е Општина Виница, која од поранешните 20.000 жители буквално се преполови.
Здравствениот дом во Виница е без педијатар, но и без други специјалистички кадри. Неколкумина доктори се со општа пракса. Цела општина ја покриваат десетина доктори и неколкумина кои имаат свои приватни ординации. Директорот на Здравствениот дом, Венко Данчев, вели дека во изминатите 11 години не се успеало да се обезбедат стручни кадри.
„Имаме тројца специјализанти, но никој за педијатрија. Еден специјализант морав да го вратам, оти имаме голема потреба од општи лекари. Го вративме и поради тоа што бил пратен да специјализира на 50 години. Дел од докторите се пред пензионирање. Пропустите на претходното раководство направија сега да немаме кадри да праќаме на специјализација, ниту, пак, имаме општи лекари за да пополнуваме празни места“, вели Данчев, кој и самиот работи како интернист.
Здравствените работници со кои разговаравме во Здравствениот дом во Виница се надеваат дека состојбата ќе се подобри со најновите законски измени што ги предлага Владата за директно преземање лекари од приватниот сектор во јавното здравство, што ќе важи и за медицинските сестри кои останале без работа во приватното здравство.
Останатите соговорници во Виница сакаат да останат анонимни, но ги анализираат состојбите и како што велат, најчеста тема во нивниот меѓусебен разговор е токму иселувањето.
„Не само здравствени работници, во странство заминуваат и професори. Три професорки заминаа за Швајцарија. Претходно заминаа нивните сопрузи, иако овде имаа добра работа. Професорките не работат во своите струки. Во Швајцарија работат во фабрики, но заработуваат многу повеќе отколку како професори“, вели виничанец, кој исто така размислува да замине во странство.
„И ние планираме да заминеме во странство, иако овде ќе оставиме куќа на три ката. Децата ни дипломираа со највисоки оценки, а немаат работа. Синот заврши економија на ‘Св. Кирил и Методиј‘ во Скопје. Беше прогласен за најдобар во генерацијата, со просек 9.80, но и заборавен. Ниедна институција или компанија не размислува за прием на вакви кадри. Детото веќе има договорено да замине во Германија, па заедно со него заминуваме и ние, родителите“, вели загрижената мајка на младиот винички економист.
Градоначалникот на Виница Ивица Димитров е недостапен и не можевме да го прашаме какви мерки презема локалната власт за општата состојба да се подобри. На општинскиот вебсајт можат да се најдат само формални стратегии за спречување на миграцијата и за подобрување на демографијата. Но, некои конкретни активности нема.
Во изминатите десетина години од виничкиот крај има масовна миграција во странство. Цели села останаа празни или останаа со по неколку стари луѓе. Најчеста дестинација се Германија, Швајцарија, Австрија, Италија, Чешка, Велика Британија, Франција, но и Австралија и САД.
Демографската состојба од година во година е сè покатастрофална. Наталитетот драстично опаѓа. Виница се сведе на град со годишен прираст од само 20-30 деца, што е многу помалку во однос на претходните години. Слично е и во останатите градови од регионот. Многу млади мајки се породуваат во странство, каде веќе формирале семејства. Ретко кој размислува да се врати.
„Вчера снаата се породи во Прага, каде живеат. Синот во Чешка работи повеќе од 15 години. Како компјутерски стручњак таму е мошне ценет и добро заработува. Не мислат да се вратат, само одвреме-навреме да нè посетат. Но, сега како пензионери, ние почесто ќе одиме кај нив“, вели Коле Стојмиров.
„Мора да се подобруваат економските и останатите услови за подобро живеење. Кај нас во Општината, единствените убави работи што оваа година се случија се филтер станицата во селото Трсино, новиот асфалтен пат до селото Грљани и обидот за возобновување на Фестивалот на хуморот и сатирата ‘Ин Виница Веритас‘. Макар со хумор и сатира нека се спречува иселувањето на младите“, рекоа дел од сатиричарите присутни на средбата деновиве во Виница.
Т. ЈОВАНОВСКИ