АСНОМ НЕ СЕ БРИШЕ ОД ПРЕАМБУЛАТА, СО ДОГОВОРОТ ИНДЕНТИТЕТОТ Е ЗАГАРАНТИРАН, РЕЧЕ ЗАЕВ НА СОБРАНИСКАТА РАСПРАВА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

    АСНОМ НЕ СЕ БРИШЕ ОД ПРЕАМБУЛАТА, СО ДОГОВОРОТ ИНДЕНТИТЕТОТ Е ЗАГАРАНТИРАН, РЕЧЕ ЗАЕВ НА СОБРАНИСКАТА РАСПРАВА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИПремиерот Зоран Заев во образложението рече дека амандманот (33) се додава придавката Северна пред Македонија и името на државата гласи Република Северна Македонија. Вториот амандман (34) се однесува за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на соседните држави, третиот амандман(35) предвидува гаранции дека границите со соседите се трајни и непроменливи, а четвртиот амандман (36), го штити и негува историското и културното наследство, и го заштитува трајно идентитетот. Почна расправата по амандманите во собраниската Комисија за уставни прашања која ќе трае 12 дена. (Фото: К. Попов)

    Нема ништо спорно во иницијативата за измени на Уставот согласно Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција, рече премиерот Зоран Заев во образложението на предложените 4 нацрт амандмани пред собраниската Комисија за уставни прашања.

    Предложените амандмани за измена на Уставот, според Заев, биле во согласност со меѓународното право и меѓународните стандарди за човековите права и слободи и затоа заслужуваат поддршка од сите пратеници.

    Заев рече дека со амандманот (33) се додава придавката Северна пред Македонија и името на државата гласи Република Северна Македонија. Вториот амандман (34) се однесува за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на соседните држави, третиот амандман(35) предвидува гаранции дека границите со соседите се трајни и непроменливи, а четвртиот амандман (36), го штити и негува историското и културното наследство, и го заштитува трајно идентитетот.

    Премиерот Заев во образложението на амандманите, потенцираше дека АСНОМ не се брише од Преамбулата и се споменува два пати.

    Заев рече дека во Преамбулата ќе се додаде и Охридски рамковен договор, кој и сега го има во Уставот, но го немало само неговото име.

    „Во одлуката ќе пишува дека овие амандмани се составен дел на Уставот и влегуваат во сила кога Грција во парламентот ќе го ратификува Договорот од Преспа и кога Грција ќе го ратификува протоколот за членство во НАТО. Желба на Грција е да биде прва земја членка на НАТО која ќе го ратификува протоколот за членство. Ова е дополнителна заштита за нас, бидејќи доколу Грција не ги исполни обврските, нема да важат измените на уставот“, рече Заев и дополни дека останува отворена понудата до опозицијата за инклузивност.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, на Заев му ги наброја опасностите кои доаѓаат по уставните измени.

    „Се расправало многупати за Уставот, се воделе дебати. Но, тие се со консензус помеѓу власта и опозицијата, а не вака набрзина. Можам да ви честитам што излеговте на чело на колоната на таа мала владина група и не се затскривте зад колективно тело и решивте да ја укинете Република Македонија“, Вељаноски.

    Според Вељаноски, уставните измени ќе имаат трајни последици за Република Македонија, и кажа дека додавката Северна ќе се додава на 50 места во Уставот, а само шест пати во Преамбулата.

    Тој смета дека Владата требало да интервенира со посебни амандмани секаде каде треба да се додаде придавката Северна, а не да го вметнува Република Северна Македонија со еден амандман.

    Вељаноски преку поговорка, на премиерот Зоран Заев му кажа дека името во Уставот не може да се промени само со еден амандман.

    „Има поговорка дека слонот не се јаде цел туку парче по парче, вие тоа го правите со Уставот. Во јуни велевте дека ќе нема промена на Уставот, и многупати потоа изјавивте дека нема да се менува. Вие го променивте името и сакавте да се скриете зад граѓаните со консултативен референдум, но народот не дозволи да го излажете. И покрај тоа не го слушате гласот на народот. Рековте дека пратениците може да поднесат амандмани, но во оваа фаза нема. Ние имаме само предлози и мислења, а не амандмани“, кажа Вељаноски.

    Со уставните амандмани, според Вељаноски, не се заштитува, туку се менува идентитетот. На ова тврдење реплицираше Заев кој кажа дека географската додавка Северна е цената која Македонија ја плаќа за влез во ЕУ и НАТО, но идентитетот не се менува и останува македонски.

    ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателот на Собранието Талат Џафери расправата во Комисијата за уставни прашања да се пренесува директно на Собранискиот канал, за да може јавноста да ја следи интегрално целата расправа за амандманите за менување на Уставот. Џафери не дозволи да оди расправата во живо, бидејќи имало закажано и друга пленарна седница, па не може во исто време да има два преноси на Собранискиот канал.

    Расправата по амандманите во собраниската Комисија за уставни прашања ќе трае 12 дена.

    Пленарната седница претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е и претседател на Уставната комисија, ја закажа за 1 декември.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира