УНГАРСКИОТ МИНИСТЕР СИЈАРТО МУ ПОТВРДИ НА ДИМИТРОВ ДЕКА ТЕЧЕ ПОСТАПКАТА ЗА АЗИЛ НА ГРУЕВСКИ

    УНГАРСКИОТ МИНИСТЕР СИЈАРТО МУ ПОТВРДИ НА ДИМИТРОВ ДЕКА ТЕЧЕ ПОСТАПКАТА ЗА АЗИЛ НА ГРУЕВСКИМинистерот за надворешни работи Никола Димитров на унгарскиот колега Петер Сијарто на средбата во декември 2017 (Фото: МИА)

    Парадоксална е ситуацијата да се бара политички азил во земја членка на ЕУ од личност во чие време на владеење земјата-кандидат за членство во ЕУ беше окарактеризирана како „заробена држава“ и од самата Европска комисија, му рекол министерот за надворешни работи Никола Димитров на унгарскиот колега Петер Сијарто, во денешниот телефонски разговор во врска со поднесеното барање за азил до унгарските власти од осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски.

    Како што соопшти Министерството за надворешни работи (МНР), Димитров посочил и дека „во случајот станува збор за осуденик, против кого се водат и уште неколку други судски постапки за сериозни кривични дела. Министерот воедно ја потенцираше важноста на принципот на владеење на правото, кој претставува темелен европски принцип“.

    „Сијарто ја потврди информацијата дека Никола Груевски поднел барање за азил до надлежните унгарски власти и дека правната процедура е веќе започната. Притоа нагласи дека унгарската поддршка за реализација на аспирациите за европска и евро-атлантска интеграција на Република Македонија, како и добрата билатерална соработка меѓу двете земји ќе продолжат и во иднина“, вели МНР.

    Како што објави денеска агенцијата Ројтерс, унгарската влада рече дека Груевски изразил намера оти ќе бара азил во унгарско дипломатско претставништво надвор од Македонија. Гергели Гулаш, шефот на кабинет на унгарскиот премиер Виктор Орбан, одби да каже во која земја побарал Груевски азил или како тој стигнал до Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта, каде што официјално ги поднел документите за азил.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира