Со намалување на данокот на додадена вредност за испорачана топлинска енергија од 18 на 5 отсто, Министерството за животна средина и Владата планираат да убедат граѓаните да се вратат на парно греење, како една од мерките во планот за намалување на аерозагадувањето кој го презентираше заменик министерот за животна средина Јани Макрадули. Со планот за намалување на аерозагадувањето предвидено е носење Закон за индустриски емисии, зајакнат инспекциски надзор, промена на начинот на греење во домаќинствата и јавните институции.
Макрадули кажа дека од сите предвидени мерки и активности, прво ќе почнат со замена на нееколошките извори на загревање во јавните институции, пред сè градинките, училиштата и здравствените установи.
„За да се справиме со изворите на загадување, меѓу мерките што ги содржи планот се зајакнат мониторинг, зајакнати инспекциски служби, законски измени за справување со загадувањето од загревање на домовите, сообраќајот и воведување поригорозни мерки за добивање еколошки дозволи за работа на компаниите. Предвидена е набавка на нови инструменти на сите 18 мерни станици што ги има во земјава“, рече Макрадули.
Тој кажа дека со планот предвидуваат 10.000 домаќинства да се приклучат на постоечкиот топлински оператор и да ја прошират тополоводната мрежа.
„Се надевам дека брзо ќе биде донесена одлуката да се намали ДДВ на испорачана топлинска енергија од 18 на 5 отсто, за дополнително да го стимулираме приклучувањето на топловодната мрежа. 20.000 домаќинства ќе ги променат неефикасните печки на дрва, 15.000 домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 ќе се приклучат на гас, 20.000 ќе се греат со инвертор клими. По две години, ќе нема ниедно домаќинство на гас, нафта или јаглен“, рече Макрадули.
Тој кажа дека освен субвенции за набавка на хибридни возила, ќе воведат и зимски режим на сообраќај таму каде загадувањето е поголемо.
„Ќе има контролиран сообраќај во централното градско подрачје со претходни алтернативни решенија за паркинзи и движење на возилата од градскиот сообраќај. Планираме пилот училишни автобуси, забрана за движење на возилата за градежништвото кога е двојно зголемено загадувањето“, рече Макрадули.
Тој кажа дека во декември ќе почнат со оперативниот план за построги правила за еколошки дозволи, како и завршување на плаонот за еколошка дозвола за РЕК Битола како еден од најголемите загадувачи во тој регион.
„Предвидени се и мерки за итна компензација на зеленилото на Водно заради изградба на гасоводот, стимулации за изградба на зелени кровови, трансформација на запуштени делови. Ќе има засилени контроли на градилишта со обврска да ги мијат возилата, а тие да бидат затворени и прекриени, и обврска градежниот шут да се одлага на соодветно место“, рече Макрадули и рече дека ќе ги зајакнат инспекциските служби и ќе воведат втора смена, односно овие инспектори ќе бидат во резерва.
За реализација на овој план предвидени се 1,5 милиони евра, што се дополнување на 20 милиони евра за еколошки мерки во рамки на министерствата за образование, економија и транспорт и врски. Според Макрадули, со реализација на овој двегодишен план аерозагадувањето во Скопје треба да се намали за 50 отсто, а во останатите градови за 30-50 отсто.
Е. БОЧВАРОСКА