Оглас за изградба на фотоволтаични електрани за следната година најави денес вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој кажа дека државата веќе ги подготвила урбанистичките планови и парцелите на кои ќе се градат овие електрани.
„Сакам да најавам сериозна и агресивна инвестиција следната година во обновливите извори на енергија, преку распишување тендер за изградба на минимум 100 мегавати во фотоволтаици. Државата ги подготви парцелите и урбанистичките планови за да имаат инвеститорите полесна работа. При тоа парцелите ќе бидат доделувани на аукција на која најдобрите инвеститори ќе можат да градат фотоволтаични електрани, а така ќе биде и со ветерните електрани“, рече Анѓушев.
Тој рече дека за развој на обновливите извори на енергија по донесување на Законот за енергетика ги подготвиле и потребните подзаконски акти, кои се над 90.
„Дел од овие подзаконски акти веќе се донесени, а останатите се подготвени. Пред две недели ги потпишавме договорите за реконструкција на трафостаниците и далноводите, односно преносната мрежа на МЕПСО, а следната година ЕЛЕМ ќе почне со изградба на 10 мегаватна фотоволтаична централа врз стариот рудник Осломеј. Тука се и тендерите за изградба на 22 нови мали хидроелектрани“, рече Анѓушев.
Според него само во енергетскиот сектор следната година ќе има над 100 милиони евра инвестции, кои се приватни.
Е. БОЧВАРОСКА