Скршената опашка на скулптурата „Бик“ на Дарко Дуковски на улица Македонија во Скопје ќе биде поправена. Од Музејот на современа уметност, што со одлука на ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ги постави скулптурите низ центарот на градот и е надлежен за нивното одржување, велат дека не им е јасно како е оштетен бикот и дека во наредниот период штетата ќе биде санирана.
„Направена е проценка и записник, известено е Министерството за внатрешни работи. Зачудувачки е како е можно скулптура од брозна да биде уништена. Ќе се санира штетата“, велат од Музејот на современа уметност.
Во рамките на проектот „Скопје 2014“ низ центарот на Скопје во 2009 беа поставени 35 скулптури, меѓу кои и бикот кој чинеше 26.560 евра. Дуковски, авторот на скулпурата излеана во бронза и тешка тон и пол, која е реплика на „Бик“ на Волстрит во Њујорк, делото го објаснувашe како манифестација на сила, но и древен македонски симбол на плодноста. Освен првата награда од 500 евра на конкурсот распишан од Министерството за култура, за изработка на „Бикот“ и на скулптурата „Градската плажа“ на Дуковски му се исплатени над 50.000 евра.
А. АНТЕВСКА