Владимир Атанасовски, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање кого вчера тројца од обвинетите го посочија токму него за организацијата на нападот на Собранието на 27 април лани, по разрешувањето од Владата на 16 јуни 2017 си замина од МВР и бил на апанажа до 16 јуни 2018.
На функцијата директор на УБК дојде на први септември 2016, откако Сашо Мијалков си поднесе оставка поради судирот на полициските сили со вооружена група од Косово во кумановската населба Диво Насеље, кога загинаа осуммина припадници на МВР.
На функцијата Атанасовски остана до 16 јуни 2017, додека сè уште не беше почната истрага за организирањето на нападот на Собранието на 27 април и на сè што им претходело на тие настани.
Браќата Михаил и Стефан Младеновски, а потоа и Захарие Симовски, пријавени да дадат своја одбрана, всушност пред судот сведочеа дека организацијата пред нив транспарентно ја водел обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, кој примал наредби од тогашното раководство на УБК на чело со Атанасовски, но и од советникот на претседателот Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски.
Ниту Атанасовски, ниту Алексовски, во кривичната евиденција немаат кривични дела, ниту обвиненија. Тие не се ни меѓу 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок за нападот на Собранието.
Михаил Младеновски, Стефан Младеновски, Захарие Симовски, но и други обвинети пред нив, имаа единствено тврдење пред судијката Добрила Кацарска и пред обвинителката Вилма Русковска дека од денешен аспект, нападот, кршењето на Собранието, оружјето кое го донел во паркот Жена-борец тогаш сè уште неизбеганиот Никола Бошковски од УБК, според нив било „да се спасат од кривичен прогон криминалните структури на ВМРО-ДПМНЕ, но и на УБК, а не државата и нејзините интереси како што биле манипулациите што им ги продавале“.
- ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ ГИ ЗЛОУПОТРЕБИ ПАТРИОТСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ЗА НАПАД НА СОБРАНИЕТО, НИ РЕКОА ИВАНОВ ЌЕ ПРОГЛАСИ ВОЕНА СОСТОЈБА, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТИОТ СТЕФАН МЛАДЕНОВСКИ
- ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ БАРАЛ ДА СЕ ФРЛАТ БОМБИ КАЈ ШЕЌЕРИНСКА И ШИЛЕГОВ ДОМА, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТ КОЈ НОСЕЛ ПИШТОЛ ПРИ НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ
- СОВЕТНИКОТ СИНИША АЛЕКСОВСКИ СЕ ЈАВИЛ И КАЖАЛ ОТИ ИВАНОВ ЌЕ ПРЕДЛОЖИ ВОЕНА СОСТОЈБА, И ДЕКА ВОЕНА ПОЛИЦИЈА ЧЕКА НА ГОТОВС ДА ГО АПСИ РАКОВОДСТВОТО НА СДСМ, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТИОТ МИХАИЛ МЛАДЕНОВСКИ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО
С. К. ДЕЛЕВСКА