РАСТАТ БУЏЕТСКИТЕ СРЕДСТВА ЗА ЗАШТИТА НА ДЕЦАТА, НО НЕ ГО СЛЕДАТ РАСТОТ НА ЕКОНОМИЈАТА, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА „ФАЈНАНС ТИНК“

    РАСТАТ БУЏЕТСКИТЕ СРЕДСТВА ЗА ЗАШТИТА НА ДЕЦАТА, НО НЕ ГО СЛЕДАТ РАСТОТ НА ЕКОНОМИЈАТА, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА „ФАЈНАНС ТИНК“„За секои 10 денари потрошени на програмите за деца, биле потрошени 15 денари на програми за стари лица. Оваа разлика настанала во периодот од 2010 до 2017 година“, се вели во истражувањето на „Фајнанс тинк“, кое е поддржано од УНИЦЕФ.

    Растат буџетските средства за заштита на децата, но тие не го следат растот на економијата, се вели во истражувањето „Колку државата инвестира во децата“ на невладината „Фајнанс тинк“, поддржано од УНИЦЕФ. Владата лани потрошила 325 милиони евра на програми за деца, што е за 26,7 отсто повеќе во споредба со 2010 година, но во однос на порсатот на брутодомашниот производ лани за заштита на деца биле одвоени 3,2 отсто од БДП, а во 2010 година 3,6 отсто. Според истражувањето во 2017 година Владата потрошила 65 милиони евра за здравствена заштита на децата, што е за 31,7 повеќе од 2010 година, но споредено со растот на економијата овие средства лани биле 0,63 отсто од БДП, а во 2010 година биле 0,68 од БДП.

    „За секои 10 денари потрошени на програмите за деца, биле потрошени 15 денари на програми за стари лица. Оваа разлика настанала во периодот од 2010 до 2017 година“, се вели во истражувањето на „Фајнанс тинк“, кое е поддржано од УНИЦЕФ.

    Годинава вкупните буџетски средства годинава за заштита на децата се 374 милиони евра, од кои 75 отсто за образовни програми, а 25 отсто за социјална заштита. И во двата сектори се маргинализирани инвестициите во инфраструктурата.

    „Во делот на образование во 2018 година учество на инвестиции во инфраструктура биле 3,8 отсто од вкупно издвоените средства. Но, клучен заклучок е дека вкупните инвестиции во мрежата покажуваат позитивни резултати“, рече Благица Петревски од „Фајнанс тинк“.

    Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека системот за социјална заштита што го наследиле всушност не овозможувал правила заштита на децата, бидејќи со програмите за социјална заштита биле опфатени само 19,3 отсто од сиромашните деца, и дека со реформите што ги воведуваат како што е образовниот додаток и гарантираниот приход за родителите ќе помогне тие деца да се извлечат од ризик и да се вклучат во образовниот процес.

    „Со програмата со Светска банка во инвестиција во градинките од 33 милиони долари, 15 милиони одат за детски градинки. Годинава имаме 24 градинки со проширен капацитет и нови во руралните средини, и обезбедивме уште 1.400 деца да бидат вклучени“, рече Царовска.

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека наследиле систем во кој драстично бил намален бројот на педијатри и гинеколози, намален опфат на имунизација и зголемен процент на доенечка смртност, и дека во заштита на децата вложуваат преку програмите на Министерството за здравство, како и преку средствата што се одвојуваат од Фондот за здравство.

    „Годинава за 30 отсто ги зголемивме средствата за вакцини и набавуваме две нови вакцини за пнеумокок и рота вирус. Го сменивме законот за паралелен увоз со кој набавивме три нови вида инсулин и за 20 отсто повеќе инсулински пумпи, со кои ќе се олесни третманот на дијабетес кај децата. За иста сума на пари што претходните години се трошела ние набавивме инсулини од оригинатори, а набавивме и три нови лека за ретки болести“, рече Филипче.

    Во однос на доенечката смртност кажа дека со инвестиции во инфраструктурата и во едукација на здравствените работници во најголемото родилиште во земјава, односно на Клиниката за Гинекологија во оваа здравствена установа доенечката смртност е намалена за околу 8 отсто, односно од 25 е намалена на 18 отсто.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира