ГРАД СКОПЈЕ ДОГОДИНА СО БУЏЕТ ОД 70 МИЛИОНИ ЕВРА, ШИЛЕГОВ НАЈАВИ НОВИ УЛИЦИ, ЗЕЛЕНИ ПОВРШИНИ, ЛУНА ПАРК И СМАРТ СИТИ

    ГРАД СКОПЈЕ ДОГОДИНА СО БУЏЕТ ОД 70 МИЛИОНИ ЕВРА, ШИЛЕГОВ НАЈАВИ НОВИ УЛИЦИ, ЗЕЛЕНИ ПОВРШИНИ, ЛУНА ПАРК И СМАРТ СИТИГрадоначалникот Петре Шилегов при образложувањето на буџетот во Советот на Град Скопје рече дека оваа година заштедиле 1,1 милијарда денари и тоа овозможило да креираат буџет поголем од лани.(Фото: СДК.МК)

    Град Скопје догодина ќе има буџет од 6,5 милијарди денари или 9,7 отсто поголем од годинешниот. Основниот буџет без дотациите и донациите ќе биде 4,4 милијарди денари, односно 72 милиони евра.

    Градоначалникот Петре Шилегов при образложувањето на буџетот во Советот на Град Скопје рече дека оваа година заштедиле 1,1 милијарда денари и тоа овозможило да креираат буџет поголем од лани. Догодина Градот ќе работи на подигнување нови зелени површини, воведување на смарт сити и бесплатно вифи во цело Скопје, изградба на улици, луна парк, дино парк во Зоолошка градина, подобрување на опременоста на Бригадата за противпожарна заштита, како и на проекти за заштита на животната средина.

    „Секако дека овој буџет не е доволен, секогаш потребите се поголеми од можностите. Со новите законски измени кои ги донесе Владата буџетот на општините се ограничува да биде до 10 отсто поголем од остварените приходи последните три години. Ние имаме буџет кој што е за околу една милијарда денари поголем благодарение на заштедите во изминатава година и планското работење на Градот“, рече Шилегов.

    На предложениот буџет за 2019 година советниците на ВМРО-ДПМНЕ имаа околу 80 амандмани, но речиси сите им беа одбиени.

    „Носиме буџетот без да имаме нацрт-буџет кој ќе го разгледуваме и врз основа на консултации со граѓаните и предлози ќе биде изготвен. Ова е еден обичен бирократски формализам, во три дена правите буџет. Бар еден амандман прифатете, сите ни ги одбивате“, рече советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Михајло Маневски.

    Шилегов објасни дека буџетот годинава се носи без да има претходно нацрт-буџет, токму поради законски измени кои се чекало да бидат усвоени и врз основа на кои требало да се постапува.

    Од Градот објаснија дека амандманите на ВМРО-ДПМНЕ не биле прифатени бидејќи се однесуваат на предлог-проекти кои освен популизам и кочење на буџетот не предвидуваат никакви суштински подобрувања на квалитетот на живот на граѓаните на Скопје.

    „Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Лука Кржаловски во еден амандман предлага намалување на субвенциите за бесплатен јавен превоз за средношколци, студенти и пензионери на сметка на фреквенција на одржување на улици. Мерката бесплатен јавен превоз за студенти и пензионери беше изгласана токму од неговата партија пред неколку години“, рекоа од Град Скопје.

    Не беа прифатени ниту неговите 10 амандмани парите за купување на мебел, опрема и машини да се пренаменат за набавка на еко билборди во секоја скопска општина во вредност од 1,5 милиони денари поединечно. Од кабинетот на Шилегов објаснија дека со овие предлози не се дава никаков суштински предлог за подобрување на животната средина и намалување на загадувањето и дека 10 еко билборди чинат колку набавка на 5.000 висококвалитетни дрвја.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира