СВИРКАЧИТЕ ЛАЗАРЕВСКИ И КОСТОВСКИ СЕ ВРАТИЈА НА РАБОТА ВО МВР, ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ ПО ОБЈАВУВАЊЕТО НА БОМБИТЕ

    СВИРКАЧИТЕ ЛАЗАРЕВСКИ И КОСТОВСКИ СЕ ВРАТИЈА НА РАБОТА ВО МВР, ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ ПО ОБЈАВУВАЊЕТО НА БОМБИТЕЃорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. (Фото: Фејсбук/Оливер Спасовски)

    Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, двајцата разузнавачи кои од Управата за безбедност и контраразузнавање ги извадија „бомбите“ и му ги предадоа на ексдиректорот на УБК Зоран Верушевски, се вратени на работните места, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

    „Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски од денеска повторно се враќаат на своите работни позиции во МВР. За професионалците секогаш ќе има место во МВР“, напиша Спасовски утринава на Фејсбук.

    Лазаревски и Костовски беа уапсени во февруари 2015 година како обвинети во случајот „Пуч“, веднаш откако тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев почна да ги пушта „бомбите“. Костовски се спогоди со обвинителството и призна дека е виновен за неовластено прислушување и шпионажа по што беше осуден на три години затвор. Лазаревски не призна вина и остана 11 месеци во притвор. Костовски беше пуштен од затвор во април 2016 година по аболицијата на Ѓорге Иванов.

    Специјалното јавно обвинителство го презеде случајот од Основното јавно обвинителство во јануари 2017 година и го повлече обвиниението. Во образложението, СЈО тогаш кажа дека причина за повлекувањето е тоа што „фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои тие располагаат“ и со наодите на обвинителството во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

    Лазаревски сега е еден од главните сведоци на СЈО во судскиот процес за „Тврдина-Таргет“, во кој што се споени двете истраги за масовното нелегално прислушување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира