Небото над тетовското село Јегуновце блеска од синило, се гледа и првиот снег на околните планини во овој дел од Полошката котлина. Но само до пред две години не беше вака. Десетината фабрички оџаци на металуршкиот гигант „Југохром“ го обвиваа сиот овој простор, па и подалеку, во густ, задушлив чад. Целата околина, нивите, покривите на куќите, дворовите, фабриката, сé беше облеано во сивило и прашина.
Иако фабриката е одалечена 15 километри воздушна линија од Тетово, чадот од „Југохром“ беше посочуван како еден од големите загадувачи на воздухот во градот кој тогаш го држеше првото место во светот како град со најзагаден воздух. „Југохром“ според законските одредби за заштита на животната средина, мора да поседува „А“ еколошка дозвола за работа, односно треба да изгради филтри за прочистување на отпадните гасови од процесот на производството. Иако на двапати беше одложен рокот за нивна изградба, филтрите не беа навреме изградени, па со одлука на Државниот инспекторат беше наредено „Југохром“ да го прекине производството во ноември 2016. Со тоа започна и голготата на околу 700 работници кои преку ноќ останаа без работа.
По одлуката на Владата да обезбеди кредит од 1,5 милиони евра за „Југохром“ за доизградба на филтер станицата во кругот на фабриката. Според предвидувањата, овие две печки на „Југохром“ би требало да почнат со работа некаде во јуни следната година. Тетовските екологисти од „Еко герила“ обвинија дека повторно се работи за некаква манипулација и дека филтер станицата нема никогаш да биде изградена.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев при посета на „Југохром“ на 22 ноември, за барањето на вработените фабриката да работи паралелно со градбата на филтер станицата беше дециден:
„Фабриката нема да почне да работи без да ги задоволи еколошките стандарди“.
Васко Скендеровски, извршен директор на „Југохром“ на 22 ноември кажа дека во текот на наредните 5-6 месеци се планира да се заврши изградбата на филтер станицата што ќе биде наменета само за двете најголеми печки и кои прават 55 проценти од вкупниот капацитет на фабриката. Останатите печки ќе проработат кога и на нив ќе се изградат другите филтер станици.
„Ова значи дека враќањето на луѓето на работа ќе почне наскоро, бидејќи интензивно се гради. До Нова Година планираме да се вратат 150 луѓе, а со конечната изградба на филтер станицата и рестартирањето на фабриката да се вратат околу 550 работници“, рече Скендеровски.
Низ празните сали на фабриката се шетавме со претседателот на синдикалната организација на „Југохром“ Бајрам Амити. Таму каде што рудата се топеше 24 часа на ден и од каде се добиваа и по триесетина и повеќе милиони евра годишно од продажбата на феросилициумот, сега е невообичаено мирно. Нема чад но, нема ни пари за работниците.
„Но, да се разбереме, ‘Југохром’ мора да ги исполни условите и да инсталира филтри за прочистување на отпадните гасови, тоа е законска одредба, од неа нема бегање и ние работниците свесни сме за тоа. Единственото што ние го баравме од Владата беше фабриката да работи напоредно со изградбата на филтер станицата. Така и таа побрзо ќе се изградеше, бидејќи ќе имаше прилив на средства и не ќе мораа да се земаат кредити, а и работниците ќе си останеа на работа. Но тоа не ни се дозволи и си останавме без работа. Сега сите живееме во надеж дека на пролет, како што ветуваат од раководството, ќе заврши изградбата, ‘Југохром’ ќе проработи, а работниците ќе се вратат на работа“, вели Амити.
На подот од големата фабричка хала, каде се наоѓаат двете најголеми печки за топење на рудата, од шестте колку ги има во фабриката, има најмалку два сантиметри прав. Се лепи по чевлите и со секој направен чекор правот се крева во воздухот. И тука, а и надвор од халите, доминира една сива, безживотна боја од наталожениот прав кој се собирал шеесет и шест години, колку што работел „Југохром“.
„Да, кога работаше ‘Југохром’ имаше и прашина, имаше и чад, ама имаше и работа и пари, а сега, наводно, имаме чист воздух ама нема скршен денар во џебот. Верувајте, оваа ситуација за нас сега е далеку полоша од чадот што го дишевме кој го испушташе ‘Југохром’. И никој не може да ме увери тој чад бил толку штетен и дека тој го загадувал Тетово. Еве сега фабриката не работи, а Тетово повторно е најзагаден град“, револтирано зборува Амити додека поминува покрај металната конструкцијата на филтер станицата која неодамна е поставена.
Изградбата на филтер станицата ни оддалеку не е завршена бидејќи има уште за градење, треба да се набават специјални филтри и уште многу други работи. Во фабриката во овој момент на работа се само од службата за обезбедување и 5-6 работници кои работат на печките на кои, иако се изгаснати, потребно им е одржување.
Веднаш до фабриката е општинската заграда на локалната самоуправа на Општина Јегуновце, а градоначалникот Дарко Блажески вели дека „Југохром“ мора најитно да проработи бидејќи народот си заминува од овие краишта.
„Со затварањето на фабриката засегнати се и Македонците и Албанците и сите што тука работеа како и нивните семејства. Безработицата придонесе голем број од населението да побегне од овде. Знам дека ‘Југохром’ мора да има филтри, тоа е неспорно, но мислам дека неговото затварање беше повеќе на политичка основа бидејќи досега не е докажано дека ‘Југохром’ канцерогено загадува. Да беше толку отровно, како што викаа, сите до сега ќе испоумревме. ‘Југохром’ испадна како некоја колатерална штета за нешто да се направи за Тетово“, вели градоначалникот Блажески.
Во селската кафеана седнати се неколку поранешни работници на „Југохром“. Со кафе и муабет им минува денот. Работа немаат, а за изминативе две години безработицата им ги исцрпи сите материјални залихи и сега се снаоѓа секој како знае и умее.
„Душава ми знае како ми е овие две години без работа. Никој не те зема за работа на подолг период. Ќе работиш месец-два па ќе те избркаат. Сметките за струја, за данок кон државата доаѓаат, а со што да се платат? До многу лошо се дотера работава. Еве веќе две години нé лажат дека ќе проработи фабриката, дојдоа тие од ФАКОМ ја подигнаа конструкцијата и си заминаа, државата кажува дека одобрила кредит, но ништо не гледаме од тој кредит. Ми иде да се собереме и да ја распарчиме фабриката на помали делови, белким така поарно ќе биде. Ова го зборувам затоа што сум огорчен кон целава состојба, а не дека го мразам ‘Југохром’, таа фабрика нам навистина ни треба и само во неа ја гледаме нашата понатамошна егзистенција“, револтирано зборува Боби Стојанов, поранешен работник на „Југохром“.
На ова се надоврзува и неговиот пријател Јосиф Мицевски, кој е еден од постарите работници во фабриката.
„’Југохром’ не е штетен, не загадува, само се дигна некоја фама околу тоа. Ние годиништа живееме овде, па ако некој би требало да умре од загадувањето, први би биле ние. Ако треба да бирам помеѓу чадот и празниот џеп јас го бирам првото“ , зборува Мицевски, сега исто така поранешен работник на „Југохром“.
Наспроти желбите на работниците „Југохром“ и понатаму да продолжи да работи, екологистите цврсто стојат на ставот дека без филтри фабриката не смее да работи.
„Нашата организација го застапува ставот дека законските одредби за поставување филтри треба да важат за сите, и тука ни ‘Југохром’ не е исклучок. Без исполнување на овие обврски, на сопствениците на овој индустриски комплекс не треба да им се дозволи да отпочнат со работа. Но, жално е што вработените во ‘Југохром’ се доведени пред свршен чин да бираат помеѓу чистиот воздух и празните џепови. Загадувањето од ‘Југохром’ најдиректно влијае на здравјето на вработените и нивните семејства кои живеат во близина на фабриката. Тие дишат загаден воздух и пијат загадена вода. Но, и тие се тие кои егзистираат од фабриката. Од друга страна, бројни прашања остануваат на маса за одговор: зошто сопствениците на фабриката ‘Југохром’, во рокот што го имаа, не ги поставија потребните филтри, па ги доведоа вработените да бираат помеѓу здравје и леб? Дали повторно остварувањето на максимилен профитот беше пред последиците по околината, здравјето на луѓето и нивната егзистенција?“, вели Душко Христов, претседател на 4х4х4 Балкански мостови, и координатор на регионалниот проект ЕНВ.НЕТ за Македонија.
З. АНДОНОВ