Ако напролет се организираат заедно со претседателските и предвремени парламентарни избори, Холандија, Данска и Франција може да побараат одложување на добивањето на датум за преговори во јуни идната година.
Владини извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека иако во СДСМ и кај дел од коалиционите партнери преовладува ставот заедно со претседателските да има и предвремени парламентарни избори, премиерот Зоран Заев бил против, бидејќи ќе ги закочело процесите за влез на Македонија во Европската унија, како и најавените реформи во економијата и во правосудството, а можно е да има отпор кај трите земји членки на ЕУ.
Премиерот Зоран Заев изјави дека 2019 година ќе биде година на економијата и економски раст.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера рече дека на втори или трети февруари в година ќе ги распише претседателските избори што ќе се одржат најверојатно кон крајот на март, или почетокот на април.
За да бидат успешни претседателските избори, треба да излезат во втор круг околу 720 илјади гласачи, или 40 отсто од вкупните гласачи запишани во избирачкиот список.
Според Закон, за претседател на републиката во прв круг е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број запишани во Избирачки список 1.806.336 гласачи.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.
За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 отсто избирачи.