До Нова Година, ако одлучат надлежните судии во Апелациониот суд Скопје и во Основниот суд Скопје 1, етапно ќе бидат пуштани од притвор во Шутка Сашо Мијалков, Орце Камчев, Цветан Панделески и други осомничени во случајот на СЈО „Империја“, но и осомничените Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, притворени во случајот „Титаник“.
СЈО, дознава САКАМДАКАЖАМ. МК, во средата попладне предложило ублажување на мерката притвор, во куќен притвор, во мислењето што го испратило до двата суда. Одлуки сè уште нема.
Но, со оглед на тоа дека Мијалков е единствениот од овие притворени кој поднел жалба до Основниот суд Скопје 1, а дежурен судија има таму вечерва, можно е тој да биде пуштен уште оваа ноќ. За другите, велат извори од одбраната тоа не може со сигурност да се каже, бидејќи нивните постапки се пред Апелациониот суд Скопје, а таму дежурен судија ноќе нема.
Орце Камчев има жалба на притворот поднесено со гаранција од 14.800.000 евра и пред Основниот суд Скопје 1, и пред Апелациониот суд Скопје.
Според адвокатите, но и извори од СЈО, пуштањето од притвор би требало да почне од денеска, заклучно со 31 декември.
Останува нејасно дали судовите при носењето на одлуките, ќе ги прифатат гаранциите што ги имаа понудено осомничените во „Империја“ и во „Титаник“. Мијалков понуди гаранција од милион евра.
Директорот на затворот Ѓоко Котевски потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК дека засега споменатите лица за кои СЈО дало мислење за поблага мерка притвор, се сите до еден во затворот.
С. К. ДЕЛЕВСКА