Со трипартитниот договор што го потпишаа Министерството за здравство, Фондот за иновации и технолошки развој и амбасадата на Израел ќе се реализира проект за тренинг и едукација на докторите и медицинските сестри кои работат во Итната медицинска помош на цела земја. Проектот е вреден 200.000 долари, од кои дел 100.000 долари се обезбедени од Фондот за иновации и технолошки развој, а 104.000 долари се обезбедени од министерството за надворешни работи на Израел.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека истовремено ќе имплементираат и нова технологија, односно наочари за телемедицина, која ќе овозможи комуникација на докторите и сестрите кои даваат медицинска помош од самото место со референтните центри или во здравствените домови или во најблискиот регионален центар или со Клиничкиот центар.
„Со проектот ќе се обезбеди едукација во сферата на биомедицината, биостатистиката, клиничките испитувања. Ќе има едукација во делот на трансплантација и еходијагностиката, за што имаме веќе усен договор со болницата Раби во Тел Авив за време на нашата посета таму, и со Универзитетот Бар Илан за размена на наши доктори, кои ќе одат таму и ќе учат од врвни експери, но и присуство на тие експерти овде во нашите болници за надградување на експертизата која кај нас се спроведува, како и во имплементирање на трансплантација на органи која не се прави во нашата земја“, рече Филипче.
Амбасадорот на Израел Дан Ориан кажа дека ова е можност за стратешко партнерство со Македонија во областа на здравството и дека потенцијалот за вакво партнерство е огромен.
„Се надеваме дека со Фондот за иновации ќе имаме неколку заеднички проекти, а веќе се разговара за еден проект за заштита на воздухот заедно со министерството за здравство и останатите надлежни министерства“, рече Ориан.
Директорот на Фондот за технолошки развој и иновации Јован Деспотовски кажа дека над 1.400 компании во Израел работат на планот на развој на биотехнологија, и дека со овој договор и меморандум за соработка овозможуваат влез на напредна нација со прогресивни идеи и технологии.
„Областа на здравството не е прва, веќе работиме со Министерствата за транспорт и врски, Министерството за финансии има повеќе државни институции кои веќе користат примена на иновации во јавниот сектор, да ја зголемиме ефикасноста, да го зголемиме квалитетот на јавните услуги“, рече Деспотовски, кој најави дека областа на јавно здравство и биотехнологии ќе бидат клучни области во новиот биотехнолошки парк, кој ќе се формира во Скопје.
Првиот дел од овој проект се реализираше преку донација од 48 специјални колички за деца, кои минатиот месец беа донирани од Израелската амбасада за јавните здравствени установи во Македонија.
Е. БОЧВАРОСКА