ПО 80. ПАТ ПЛАНИНАРИ ВРТЕА МАЗНИК СО ПАРИЧКА НА ПЕЛИСТЕР

    ПО 80. ПАТ ПЛАНИНАРИ ВРТЕА МАЗНИК СО ПАРИЧКА НА ПЕЛИСТЕРГодинава, среќа да го најде парето имаше младиот битолски адвокат Горан Дамесвки, планинар и еден од најголемите ентузијасти за обнова на домот „Копанки“, кој интензивно се подготвува наскоро да го освои врвот Мон Блан (Фото: СДК.МК)

    Сукан мазник со паричка за среќа во пресрет на православниот празник Василица, денес на Копанки на Пелистер, на надморска височина од 1.500 метри свртија педесетина планинари, членови на планинарско-спортскиот куб „Пелистер“. Ова е традиција која битолскиите планинари ја практикуваат околу 80 години, мазникот со паре наместо по градските кафеани да го свртат на планина. Со години, парето се вретло во планинарскиот дом Копанки, но откако тој изгоре и уште не е обновен, адетот се прави во помошните планинарски простории на Копанки.

    „Меѓу нас имаше најмлади членови од неколку години кои со родителите веќе ги запознаваат убавините на Пелистер, па сè до повозрасни челенови. Кога се вртеше мазникот си посакавме в година празникот да го чекаме во обновен планинарски дом“, велат планинарите.

    Годинава, среќа да го најде парето имаше младиот битолски адвокат Горан Дамесвки, планинар и еден од најголемите ентузијасти за обнова на домот „Копанки“, кој интензивно се подготвува наскоро да го освои врвот Мон Блан.

    Во годините кога не работеше жичницата на Пелистер, планинарите меѓу кои и лица над 80 години, пеш, носејќи со себе мазник и други намирници, се искачуваа на Копанки.

    Инаку, битолскиот планинарски клуб бил формиран во 1936, а како основачи се спомнуваат Борис Алтипармак, првиот директор на Националниот парк Пелистер и Чехот Јан Дубови, поранешен општински архитект. Уште од тоа време останала традицијата да се врати мазник на Пелистер.

    Многу брзо по формирањето на друштвото организирале натпревари кои до денес не се повторени. Ски натпревар од Детското одморалиште до врвот Пелистер, преку Големо и Мало Езеро, Неолица до Битола, во траење од 17 до 18 часа, иако тогаш немале соодветена ски опрема. Ова се смета за најстаро национално планинарско друштво во земјава, кое работи со непрекинат континуитет од 1936, само што низ годините името „Пелагонија “ било променето во „Пелистер“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира