Лидерот на опозициската Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, се закани дека ќе стави вето на членството на Македонија во Европска Унија ако биде премиер на Грција. За време на вториот ден од дебатата во грчкиот парламент за Договорот од Преспа, чие ратификување е одложено за утре попладне, Мицотакис кажа дека тој не е никаква гаранција за европските амбиции на Македонија, наспроти тврдењето на премиерот Алексис Ципрас дека тоа е историски чекор за двете држави.
„Грција во секој момент може да стави вето на приемот на Скопје во европското семејство. Ако Грците ми ја дадат довербата да бидам премиер, јас ќе одбијам да го протолкувам договорот на тој начин. Што се однесува до Договорот од Преспа, тој е како минско поле. Еднаш кога ќе се ратификува, нема да може да се измени и затоа имате историска одговорност да го одбиете“, рече Мицотакис.
Поранешниот министер за надворешни работи и еден од архитектите на Договорот, Никос Коѕијас, го нападна Панос Каменос, бившиот министер за одбрана кој поради несогласување со Ципрас ја повлече својата партија од владата, откако тој за предавници ги прогласи оние кои ќе гласаат „за“.
„Договорот од Преспа ќе биде добар за вас. Тој го решава проблемот што вие не можевте да го решите“, кажа Коѕијас.
Седницата беше прекината половина час пред полноќ по грчко време и ќе продолжи утре. За ратификацијата на Договорот, Парламентот ќе гласа утре во 14.30 часот по локално време (13.30 по македонско).