РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СТАПУВА НА СИЛА ЗА 15 ДЕНА

    РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СТАПУВА НА СИЛА ЗА 15 ДЕНАГрчкиот премиер Алексис Ципрас и министерот за надворешни работи Јоргос Катругалос аплаудираат по ратификацијата на Договорот од Преспа во Парламентот на 25 јануари 2019 (Фото: АП)

    Македонија ќе стане Република Северна Македонија за околу две недели, кога според процедурата треба да стапи на сила Договорот од Преспа. Грчкиот парламент вчера со 153 гласа „за“ го ратификуваше историскиот Договор, со кој се става крај на 27-годишниот спор за името помеѓу Грција и Македонија. Претходно, македонското Собрание со 81 глас „за“ ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот од Преспа и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие стануваат дел од Уставот. Со ова, името на земјава е Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    • Според процедурата, сега Претседателот на Грција треба да го потпише Законот за ратификација на Договорот од Преспа и тој да се објави во Службен весник. Објавувањето ќе биде в понеделник, 28 јануари, и со тоа ќе стане официјален закон.
    • Потоа, Грција ќе го извести Генералниот секретаријат на НАТО дека Договорот од Преспа е ратификуван од грчкиот Парламент, па постојаните претставници на 29 земји-членки на НАТО треба да го потпишат Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија, а тој треба да биде ратификуван и во парламените на нивните земји.
    • Протоколот за пристапување во НАТО треба да го ратификува и грчкиот Парламент, и потоа Грција ќе испрати вербална нота до Македонија со која ќе ја информира за ратификацијата на Договорот од Преспа и на Протоколот за НАТО.
    • По приемот на нотата, Македонија ќе испрати вербална нота до Грција и ОН дека Договорот стапува на сила. Потоа, Македонија со писмо ќе ги извести ОН и меѓународните организации дека земјата сега се вика Република Северна Македонија.
    • По официјалната промена на името следува отворање амбасади во двете земји. Досегашните канцеларии за врски во Скопје и Атина прераснуваат во амбасади.

    Вчера, премиерот Зоран Заев му честиташе на грчкиот премиер Алексис Ципрас за ратификацијата на Договорот од Преспа во парламентот во Атина.

    „Честито мој пријателе Алексис Ципрас, заедно со нашите народи испишавме историска победа. Нека е вечен Договорот од Преспа, нека се вечни мирот и прогресот на Балканот и во Европа“, напиша премиерот Заев на неговиот фејсбук профил.

    Ципрас на Твитер по ратификацијата напиша: „Северна Македонија се роди денеска. Ќе биде пријател и сојузник на Грција во нејзините напори за безбедност, стабилност и заеднички развој во регионот. Идните генерации ќе им бидат благодарни на овие пратеници кои, покажувајќи храброст и смелост, ја поставија основата за мирна иднина, солидарност и соживот меѓу нашите народи. Денеска пишуваме ново поглавје во историјата на Балканот. Националистичката омраза, кавгите и судирите сега се заменети со пријателство, мир и соработка“.

    Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск на македонски јазик ја честиташе ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент и ги пофали двајцата премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев за успешно завршената мисија.

    „Имаа имагинација, преземаа ризик и беа подготвени да ги жртвуваат своите интереси за поголемо добро. Зоран, Алексис – одлично направено! Невозможната мисија е успешно завршена“, напиша Туск на Твитер.

    Државниот секретар на САД Мајк Помпео ја поздрави ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент и рече дека тоа ќе ѝ овозможи на Република Северна Македонија да си го заземе заслуженото место во НАТО и ЕУ.

    „САД ја поздравуваат одлуката на грчкиот Парламент да го ратификува Договорот од Преспа со Грција. Грчките лидери демонстрираа визија, храброст и упорност во нивната потрага по решение за спорот за името, што ќе ѝ овозможи на идната Република Северна Македонија да си го заземе заслуженото место во НАТО и ЕУ. САД ова го сметаат за историска шанса за унапредување на стабилноста, безбедноста и просперитетот низ целот регион“, стои во изјавата на Помпео што ја објави Стејт департментот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира