СО РАТИФИКАЦИЈАТА НА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА ГИ ОТФРЛИВМЕ СЕНИШТАТА НА МИНАТОТО, КАЖА ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ВО ВЕЛЕС

    СО РАТИФИКАЦИЈАТА НА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА ГИ ОТФРЛИВМЕ СЕНИШТАТА НА МИНАТОТО, КАЖА ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ВО ВЕЛЕСГраѓаните можат да бидат горди, бидејќи ова е генерација која стави крај на една епизода од незавршениот филм на Балканот, рече премиерот Зоран Заев на денешата трибина во Велес (Фото: СДК.МК)

    Со ратификацијата на Договорот од Преспа во Грчкиот парламент донесена е сериозна одлука за иднината на нашите деца и идните генерации, а граѓаните можат да бидат горди,  бидејќи ова  е генерација која стави крај на  една епизода од незавршениот филм на Балканот рече премиерот Зоран Заев на денешата трибина во Велес.

    „Со прифаќањето и спроведувањето на одредбите на Договорот од Преспа, победници се граѓаните од двете земји но и граѓаните од регионот. Победници се и  противниците бидејќи и за нив доаѓа време на мир, просперитет и пријателство. Му честитам на мојот пријател Ципарс, на членовите на парламентите на двете земји, на сите храбри жени и мажи кои избраа да го дадат својот глас со кој победи иднината, со кој се стави крај на стравот кој ни гo прикажуваа. Разрешивме спор кој ни гo кажуваa како нерешлив. Секоја страна треба да даде нешто за секој да добие многу, многу повеќе за  возврат од тоа што го дaва. Сега имаме верификувано суштинско пријателство. Сега тргнуваме со уште поголема сила да ги зближуваме граѓаните, народите на двете земји. Иднината нема да ја гледаме како фатална судбина туку како заеднички пат поплочен со пријателство произлезено од eвропското семејство. Храбрите граѓани избраа да ги отфрлат сеништата од минатото  и да дадат можност на иднината од која остваруваат сигурност и политичка стабилност“, рече Заев.

    Тој во неговото обраќање повеќе пати со спомена грчкиот премиер Алексис Ципрас и секогаш го ословуваше со „мојот пријател“.

    Грчкиот парламент вчера со 153 гласа „за“ го ратификуваше историскиот Договор, со кој се става крај на 27-годишниот спор за името помеѓу Грција и Македонија. Претходно, македонското Собрание со 81 глас „за“ ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот од Преспа и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие стануваат дел од Уставот. Со ова, името на земјава е Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира