За претседателските избори кои треба да се одржат на 21 април и петти мај, покрај ВМРО-ДПМНЕ оглас за пријавување кандидатури распиша и СДСМ.
„Со огласот СДСМ ги повикува сите заинтересирани да поднесат кандидатура за Претседател на државата за Претседателските избори 2019 година, а притоа да ги исполнуваат критериумите од Правилникот и роковникот за постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидати за Претседател на Република Македонија за Претседателските избори 2019 година“, се вели во повикот на партијата.
На конгресот на 3 март СДСМ ќе го избере кандидатот за претседател, а рокот за поднесување кандидатури е најдоцна до 19 февруари.
ВМРО-ДПМНЕ ја заврши постапката за кандидирање и пријавени се осум кандидати. Имињата ќе ги објават по пристигнувањето на други кандидатури. Досега пријавени се Влатко Ѓорчев, професорката на Правниот факултет Гордана Силјановска-Давкова, Филип Петровски. Другите имиња партијата ги нема објавено, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе се избере на конвенција во Струга на 16 февруари.
СДСМ досега не излезе со потенцијални кандидати за претседател на државата. Во јавноста се споменуваа министрите за надворешни работи Никола Димитров, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за одбрана Радмила Шекеринска и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски. Освен Димитров, кој не ја потврди но не ја ни исклучи можноста, официјално, никој од имињата што се вртат во медиумите нема покажано дека има амбиции да биде претседателски кандидат.
Неофицијално, повикот се распишува за да се намали притисокот врз лидерот на СДСМ Зоран Заев, а и да се избегне раздорот што може да се случи ако тој застане зад кандидатурата на еден од можните кандиати. Од партијата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека има време до 19 февруари, до тогаш ќе се знае претседателскиот кандидат на СДСМ.
СДСМ распиша и конкурси за градоначалнички кандидати за локалните избори во Охрид, Ново Село и Дебар.
Свои кандидати за претседателските избори најавија и партиите на Албанците, ДУИ, Алијанса за Албанците во Коалиција со Движењето Беса – крилото на Биљал Касами.
Кандидатури најавија и лидерот на Сојузот на Ромите Амди Бајрам и на ПЦЕР Самка Ибраимовски.
Г. ТРПЕНОСКИ