Од понеделник граѓаните ќе можат да аплицираат за субвенции за инвертери во Град Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов најави дека годинава за прв пат ќе биде распишан повик за субвенционирање на инвертер клима уреди и други современи уреди за затоплување на домаќинствата, како уште една од мерките за борба против аерозагадувањето.
За оваа мерка од буџетот на Град Скопје се предвидени 20 милиони денари, што значи дека субвенции ќе има за 1.300 домаќинства.
„За секој купен инвертер клима уред, секој граѓанин којшто ќе ги исполни условите за субвенционирање ќе има можност да добие половина од вкупната вредност на уредот, но не повеќе од 15.000 денари. Со оваа мерка повеќе од 1.300 домаќинства од годинава ќе добијат можност евтино да ги затоплуваат своите домови водејќи грижа за намалување на аерозагадувањето“, рече Шилегов.
Од Градот велат дека анализите покажале дека интересот кај граѓаните за набавка на посовремени уреди за затоплување е голем и заради тоа е донесена одлука со субвенционирање на овие уреди да се намалат трошоците на оние што ќе одлучат да го одберат овој начин на затоплување.
Градот кон почетокот на годинава објави и јавен повик за субвенционирање на граѓаните за купени печки на пелети.
А. АНТЕВСКА