На Универзитетската клиника за неврологија денес беа презентирани новата лабораторија за дијагноза на невромускулни болести, нов Дневен центар за третман на болните, а беше најавена и набавка на нова имунолошка терапија. Премиерот Зоран Заев при посетата на Клиниката за неврологија рече дека таа со условите што ги нуди веќе наликува на современите болници во Европа.
„Поводот поради кој што сме тука се три новини, новиот апарат за биопсија на мускул за пациентите ќе овозможи попрецизна дијагноза на невромускулните болести, бенефит од лабораторијата за испитување на мозочната течност, која е една од најсовремените и ќе биде побрзата и секако попрецизна детекција на болестите на мозокот. Ова е нова метода во нашиот здравствен систем и болните од мултиплекс склероза од сега биолошката терапија ќе ја примаат на Клиниката за неврологија под соодветен медицински надзор во новата дневна болница отворена токму за нив“, рече Заев.
Тој кажа дека со тоа се подобрува состојбата на македонското здравство во целина.
„Годинава во буџетот за здравствена заштита се издвоени средства во износ од 30 милијарди денари, што во спредба со 2018 година е за околу две милијарди денари повеќе. Предвидено е зголемување на средствата за здравствените програми, болничкото лекување, за одделни ранливи групи ќе биде бесплатно, обезбедени се пари за набавка на нови лекови за лицата со ретки болести. Донесовме одлука новиот универзитетски клинички центар да се гради во месноста Веле Поле во Ѓорче Петров, а во коннтинуитет растат и платите на медицинскиот кадар“, рече Заев.
Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека лабораторијата на Клиниката за неврологија за дијагноза на невромускулни болести е единствениот ваков центар во земјава.
„Во дневниот центар за болните со мултиплекс склероза терапијата се дава како во современите земји. Подготвуваме групна набавка на биолошка терапија, која кон крајот на минатата година овозможи нов третман на болни со мултиплекс склероза, а од оваа година ќе се зголеми бројот на пациенти што ќе ја примаат. Лани новата терапија ја примаа 9 болни од мултиплекс склероза, а годинава 45. Пред неколку месеци овде на Клиниката се воведе нов петод за третман на мозочен удар, кој што се имплементира во сите современи центри ширум светот. Тоа значи дека ако пациентот дојде во скоро време од почеток на симптомите за мозочен удар, некаде од 3 до 4,5 часа, може тромбот да се извади од запушениот крвен сад во мозокот, циркулацијата да се воспостави и значајно да се намалат последиците од оваа болест, а во многу сценарија и да спаси животот. Ќе продолжиме и натаму да го поддржуваме развојот на јавното здравство, толку колку што можеме во овие услови и веќе активно и многу интензивно работиме да ги обезбедиме сите админстративни процедури и документи за новата локација на Клиничкиот центар во Ѓорче Петров и секако да работиме на имплементација на новиот проект“, рече Филипче.
Директорот на Клиниката за неврологија д-р Иван Барбов кажа постојано зе зголемува бројот на пациенти кои ги лекуваат на клиниката и дека по пациентите со мозочни удари, втори по бројност се пациентите со мултиплекс склероза, кои од оваа година ќе имаат и најмодерна терапија.
Е.БОЧВАРОСКА