Повеќе од 400 артефакти од некрополата во Требениште, Охрид, заедно со прочуените златни маски кои се наоѓаат во музеите во Бугарија, Србија и Македонија, од март до август за првпат заедно ќе бидат изложени на големата заедничка изложба во Археолошкиот музеј во Скопје. Изложбата се организира во чест на 100-годишнината од откривањето на некрополата во 1918 година, а првично беше најавено за во ноември лани.
Директорот на Археолошкиот музеј на Македонија Горан Санев, директорот на Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науки во Софија Христо Попов, авторите на изложбата Перо Арџанлиев (АММ), Вера Крстиќ (Народен музеј Белград), Крсто Чукалев (НАИМ-БАН) како и редакторите на изложбата Александра Папазовска (АММ) и Татјана Цветичанин (НБМ) денес на прес-конференција говореа за двегодишните подготовски на изложбата, а го претставија и каталогот на чиј дизјан работел тим предводен од архитектот и професор Јован Ивановски.
Санев рече дека се потпишани девет договори и голем број на гаранции и осигурувања, како и дека дека уште од почеток иницијативата добила поддршка од дипломатскиот кор на овие земји во државава. Изложбата прво ќе биде изложена во Скопје, па во 2020 и 2021 во Софија и Белград, а интерес пројавиле и археолошките музеи од Париз, Берлин, Виена и Загреб.
Некрополата Требеништа, која се наоѓа кај селото Горенци во близината на Охрид, била случајно откриена во 1918, при копање ровови од бугарски војници. Бројните златни, сребрени и бронзени предмети од гробовите биле пренесени во Музејот во Софија каде и денес се наоѓаат. Истото се случува и со следните наоди од истражувањата во 1932 и 1934 кои ги извел Народниот Музеј од Белград каде и денес се наоѓаат.
Меѓу бројните луксузни предмети се и прочуените четири златни маски, од кои денес две се изложени во Националниот институт и Музеј при Бугарската академија на науките во Софија и две во Народниот музеј во Белград. Наодите датираат од 6 век пред. н. е.
Со македонските ископувања во Требеништа во 1972 од Заводот и Музеј од Охрид, биле откриени погребувања и од помладите хронолошки рамки на оваа некропола, а наодите кои се наоѓаат во Охрид исто така ќе бидат дел од изложбата. Меѓу нив е и златната маска најдена кај Горна Порта во 2011.
„Се создадоа неверојатни околности, како во смисла на музеи, институции, простори, како и во смисла на она што не е во наша надлежност, политички. Ја правиме вистинската работа“, кажа Цветичанин од Народниот музеј во Белград.
„Требениште не е само минато. Требениште е иднина. Со новите технологии за реставрација и конзервација успеавме да откриеме и да поврземе артефакти, за кои досега не сме знаеле и кои за првпат ќе бидат претставни на изложбата“, рече Попов, директор на Националниот археолошки институт и музеј при БАН.
Главен покровител на изложбата е македонската Влада.
Б. НЕСТОРОСКА