Министерот за здравство Венко Филипче најави дека за месец до месец и пол ќе им понудат вработување на околу 300 млади лекари од трите медицински факултети во земјата, како една од мерките да останат во Македонија, како и да не бидат дискриминирани.
„Подготвуваме модел со кој сакаме сите завршени млади лекари, кои се околу 300 од трите медицински факултети, да добијат работно место. Веќе работиме на моделот и на правилникот согласно законските одредби. Во најскоро време, мислам дека следниот месец до месец и пол ќе го имаме точниот начин, на кој ќе можеме на секој завршен лекар, без оглед на некаква припадност, да му понудиме работно место во нашиот здравствен систем. Ова го правиме прво за да ги стимулираме да останат во државата и второ да не се дискриминирани“, рече Филипче.
Тој ова го кажа како една од мерките за решавање на проблемот, за кој деновиве алармираше Асоцијацијата на специјализанти млади лекари, дека јавните здравствени установи при вработување на специјализанти не ги одбираат оние кандидати кои се најквалитетни, туку со протекции. Првично, излезе информацијата за огласот за вработување на специјализанти во Клиничката болница во Тетово, а потоа и за други јавни здравствени установи. Тие бараат Министерството за здравство да ги направи потребните законски измени за да не се случуваат вакви работи, бидејќи со сегашните законски решенија директорите на болниците имаат дискреционо право да одлучат кого ќе вработат, без оглед на успехот на стручниот испит.
Филипче рече дека за конкретните случаи не сака да зборува додека поподробно не се информира и дека во текот на утрешниот ден ќе има средба и со директорот на тетовската болница, но и со Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.
„Сакам да имам точни информации. Додека немам точен увид, не сакам да коментирам. Законот кажува дека тоа е ексклузивно право на секоја здравствена установа. Но, ние веќе направивме промена во Законот за здравствена заштита со кој воведовме задолжителен 6-месечен стаж на примарно ниво и на ниво на итна медицинска служба за сите млади лиценцирани лекари“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА