Антикорупциската комисија најави дека ќе го следат изборниот процес за претстојните претседателски избори и за избор на градоначалници на Охрид, Дебар и Ново Село. Антикорупционерите ги потсетуваат министрите и директорите на државните и јавните претпијатија дека до завршување на изборите не смеат да вработуваат, ниту пак со службените возила да одат на митинзи, средби со граѓани и други активности поврзани со изборната кампања.
„Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување. Непочитувањето на забраните утврдени во членовите 34 и 35 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во членот 8-а и 8-б од Изборниот законик, Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги смета за одговорност на одговорните лица на државните органи и други субјекти, а во случај на констатирани прекршувања и злоупотреби ќе преземе соодветни активности и мерки согласно закон“, велат од Антикорупциската комисија.
Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател и градоначалници, не може:
- да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
- да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал, на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
- да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови, ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.
Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборите не може:
- да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.
- За потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.
Антикорупционерот Горан Трпеноски на вчерашната прва седница на Комисијата најави дека покрај финансирањето на политичките кампањи, ќе ги следат сите злоупотреби на службени возила и опрема во целите на кампањата и побара од медиумуите и невладините организации сите вакви злоупотреби да ги пријавуваат во Комисијата.
А. АНТЕВСКА