ЗЛАТНА МЕЧКА ЗА ИЗРАЕЛСКИОТ „СИНОНИМИ“ НА НАДАВ ЛАПИД

    ЗЛАТНА МЕЧКА ЗА ИЗРАЕЛСКИОТ „СИНОНИМИ“ НА НАДАВ ЛАПИДИзрелскиот автор Надав Лапид Златната мечка“ ја посвети на мајка си, која го монтираше „Синоними“ и почина веднаш штом го заврши (Фото: АП)

    „Синоними“ на изрелскиот автор Надав Лапид ја освои Златната мечка на 69. Берлинале што заврши вечерва. Филмот на 44-годишниот автор е приказна за момче од Израел кое ќе се пресели во Париз и ќе настојува да го заборави својот еврејски идентитет и јазик. „Синоними“ ја освои и наградата на критиката ФИПРЕСЦИ.

    Жирито на чело со оскаровската Жилиет Бинош го награди  со Сребрена мечка – Гран при на жирито „Со божја милост“ на францускиот автор Франсоа Озон. „Пад на системот“ на Нора Фингсшаид освои Сребрена мечка Алфред Бауер за нови хоризонти. „Бев дома, но“ на Ангела Шанелец доби Сребрена мачка за најдобра режија. Актерската двојка Ванг Јингчун и Јонг Меи од кинескиот „Збогум, сине“ на Ванг Сиаошуан  доби Сребрена мечка за најдобар актер и актерка.

    Актерската двојка Ванг Јингчун и Јонг Меи од кинескиот „Збогум, сине“ на Ванг Сиаошуан доби Сребрена мечка за најдобар актер и актерка (Фото: АП)

    Публиката стана и со голем аплауз му оддаде почит на славниот германски актер Бруно Ганц кој почина денеска. На почетокот се прикажа краток филм „Берлинска рапсодија“ во чест на директорот на Берлинале Дитер Кослик, еден од најомилените и најблиски соработници на сите светски ѕвезди, кој годинава се пензионира од функцијата. Со овации и свирежи, целата публика во Палатата на Берлиналето, на нозе му аплаудираше на Кослик.

    „Ти благодариме за 18-те прекрасни години на Берлинале. Филмскиот свет ти се поклонува“, рече германската министерка за култура Моника Грутерс и му врачи, како што рече, Спектакуларна мечка.

    Жирито му подари кадифена мечка на директорот на Берлинале Дитер Кослик, еден од најомилените и најблиски соработници на сите светски ѕвезди, кој годинава се пензионира од функцијата по 18 години (Фото: Берлинале)

    Во главната програма се натпреваруваа: „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, „Елиса и Марсела“ на Изабел Кушет, „Тлото под моите нозе“ на Мари Кројцер, „Со божја милост“ на Франсоа Озон, „Антологија за градот на духовите“ на Денис Коте, „Бев дома, но“ на Ангела Шанелец,  „Сказни за три сестри“ на Емин Алпер, „Збогум, сине“ на Ванг Сиаошуан, „Господин Џонс“ на Агњешка Холанд, „Индит“ на Ван Куанан, „Пирани“ на Клаудио Џованези, „Пад на системот“ на Нора Фингсшаид, „Крадење коњи“ на Ханс Петер Моланд,  „Златната ракавица“ на Фатих Акин, „Љубезноста на непознатите“ на Лоне Шерфиг и „Синоними“ на Надав Лапид.

    „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска попладнево ги доби наградите на Екуменското жири и на Здружението на германските кина за авторски филм, паралелни награди на Берлиналето што ги доделуваат независни жирија.

    „Петрунија“ е првиот македонски долгометражен игран филм што се бори за престижната Златна мечка на 69. Берлинале, а светската премиера ја имаше на 10 февруари со позитивен одглас од публиката и критиката, особено за главната актерка Зорица Нушева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира