Свитоци од Тора стара половина милениум, која сефардските Евреи од Шпанија ја донеле на Балканот, од денес има почесно место во постојаната изложбена поставка во Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје. Пред да биде свечено однесена во Меморијалниот центар, во Македонскиот народен театар (МНТ) во присуство на високи политички и дипломатски претставници се одржа свечена комеморативна седница за одбележување на 76-годишнината од депортирањето на 7.144 македонски Евреи во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка. Со звуците на еврејската песна „Од генерација на генерација“, Тората свечено на сцената ја качи Рабин Ендрју Бејкер , директор за меѓународни односи во Американскиот еврејски комитет, личен претставник на претседавачот во ОБСЕ во канцеларијата за борба со антисемитизам и претседавач на Меѓународниот советодавен одбор во Фондот на холокаустот.
Горан Садикаријо од Меморијалниот центар вели дека Тората била напишана во 15. век во Шпанија, а во 1492 била протерана заедно со еврејската заедница од Шпанија. Продолжила да патува заедно со протераните шпански Евреи и да дојде во Османлиската империја каде ќе го најде својот дом.
Станува збор за еден артефакт со исклучителна историска и духовна вредност за секој припадник на еврејскиот народ, вели тој.
„Тората нѐ учи на одговорност и меѓусебно почитување, таа ја раскажува приказната за потеклото на еврејскиот народ. Но, за Евреите, Тората и Библијата се нешто повеќе. Таа не е само запис и свет текст, туку е своевиден субјект кој ја дели судбината со еврејскиот народ. Таа се раѓа кога се пишува, заживува кога се внесува во синагогата и живее кога се чита. Се погребува доколку се оштети, како што се погребува еврејскиот човек. Тората ја раскажува приказната за создавање на светот, за прататковците Аврам, Исак и Јаков, за поробувувањето на племињата во Египет и нивниот чудесен егзодус под водство на Мојсие. Патувањето низ пустината и средбата со севишниот па сѐ до почетокот на нивното пристигнување во ветената земја во денешен Израел. Тоа е книга на законот, на севкупната етика на Евреите. Каде и да заминале во радост или болка, од Вавилон до Рим, од Рим во Шпанија, од Шпанија овде на Балканот, Евреите ја носеле Тората со себе“, рече Садикаријо.
По повеќе од половина милениум од нејзинито настанување, оваа Тора е оштетена и за жал, вели тој, не може повеќе да се користи во религиозни намени.
„Но, сепак, оваа Тора што ја делела вековната судбина на нашите претци и денес го продолжува своето учење и продолжува да инсприира. Оваа Тора како и мошне мал број Евреи го преживеала Холокаустот, таа ја симболизира издржливоста не еврејскиот народ и разбирањето на сето она дека без разлика што било изгубено или уништено од нацистите, нивните сојузници и соработници, сепак не било сѐ загубено. Останало нешто и со голема важност. Да го цитирам Морис Романо од Битола, кој дава најдобар опис за цивилизациската придобивка на соживотот, кој вели: ‘Животот само башка е гетоизација. Животот само барабар е асимилација. Животот и башка и барабар е еманципација“, рече Садикаријо.
Утринава министерот за надворешни работи Никола Димитров, во името на Владата, положи цвеќе на споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи.
„Тагата, болката и огорченоста од монструозниот обид за уништување на еврејскиот народ се вечни. Вечна е и нашата обврска, должност и чест да не го заборавиме никогаш тоа што се случи, за никогаш да не се повтори“, рече министерот Димитров.
Б. НЕСТОРОСКА