Филмот „Незаборавна пролет во заборавено село“ по сценарио и режија на Куштрим Бектеши, премиерно ќе се прикаже вечерва во 19,30 часот во киното Синеплекс, а светска премира ќе има на Филмскиот фестивал во Москва (18-25 април). Ова е деби филм на Бектеши, кој досега режираше повеќе театарски претстави.
Продуцентот најави дека по вечерашната премиерна проекција планира филмот од 10 април да игра на редовниот репертоар на киното Милениум, но потврда за тоа се очекува.
Филмот е во продукција на „Мануфактура“ (Македонија) со продуцентот Сашо Павловски, во копродукција со „Медиа и филм продукција“ (Косово), „Ска-ндал продукција“ (Албанија) и Скупи фестивал (Македонија) со продуцентите Музбајдин Ќамили и Осман Ахмети. Во филмот играат голем број актери од Македонија, Косово, Албанија и Бугарија, меѓу кои и Осман Ахмети, Адем Карага, Амернис Никшиќи Јовановска, Флора Кадриу, Блерим Дардишта.
Снимен е во селото Ѓономаљ во општина Корча (Албанија). Директор на фотографија е Алмир Џиколи, композитор Тримор Доми, монтажер Радован Петровиќ, сценограф Дурим Незири, костимографка Жаклина Крстевска, а дизајнер на звук Дарко Спасовски.
„Вообичаениот живот и спокојството на едно ‘заборавено село’ драстично го пореметува пристигнувањето на три проститутки во селската кафана. Мажите, и покрај обидите на нивните жени за да ги спречат, целото време го поминуваат во кафеана трошејќи ги сите пари на алкохол и секс. Во школото почнува да преовладува хаотична состојба. Оџата на селото го губи авторитетот и џамијата останува без верници. Само двајца млади придобиваат од целата настаната ситуација реализирајќи ја нивната љубовна врска која им е забранета од нивните родители. На крај сите жени од селото се креват во востание и ја палат кафеаната, после што селото наизглед ќе се врати во нормала“, вели продукцијата за дел од содржината.
Филмот финансиски е подржан од Агенција за филм на Македонија и Центарот за кинематографија на Косово, Националниот центар за кинематографија на Албанија, Радиотелевизија на Косово, Македонска радиотелевизија 2 и Радиотелевизија на Албанија.
Б. НЕСТОРОСКА