ПАРИЧНИ НАГРАДИ ЗА ЛЕКАРИТЕ И ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПАРТИЦИПАЦИЈА НА ПОВРЕДЕНИТЕ ПАТНИЦИ ОД НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ СЛЕДУВА ПО ИЗБОРИТЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ПАРИЧНИ НАГРАДИ ЗА ЛЕКАРИТЕ И ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПАРТИЦИПАЦИЈА НА ПОВРЕДЕНИТЕ ПАТНИЦИ ОД НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ СЛЕДУВА ПО ИЗБОРИТЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕНа одбележување на Светскиот ден на здравјето 7 Април, кој се одржа денес во организација на Македонското лекарско друштво, претседателката на Лекарската комора на Македонија Калина Гривчева-Старделова го изненади министерот Венко Филипче и му врачи благодарница како и на сите доктори кои учествуваа во спасувањето на повредените од несреќата кај Ласкарци (Фото: Министерство за здравство)

    Парични награди за лекарите и медицинските тимови кои ги лекуваа повредените од автобуската несреќа кај Ласкарци, како и ослободување од партиципација за добиените здравствени услуги на преживеаните патници од несреќата ќе има по изборите, најави министерот за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека по консултациите со Секретаријатот за законодавство им било кажано дека пред и за време на изборите не може да вршат пренамена на веќе испланираните средства од Буџетот, но дека тоа ќе може да го направат по изборите.

    „Имавме консултации со Секретаријатот за законодавство и, искрено, ништо не можевме да направиме во овој период пред изборите. Тоа ќе го направиме по завршување на изборите. Одредивме од кои ставки ќе се прераспределат средства од Министерството за здравство. Истовремено, работиме на изнаоѓање средства за да се покрие сумата за партиципација на повредените патници кои се лекуваа во болниците, веднаш по завршување на изборите“, рече Филипче.

    Министерството за здравство утрово на својата фејсбук страница објави информација дека министерот им доделил благодарници на сите болници каде се лекуваа преживеаните патници од несреќата, во која уште истата вечер на 13 февруари загинаа 15 патници, а по месец и половина лекување на скопските клиники почина уште една повредена патничка.

    Од автобусот со 50 патници, повеќето беа повредени и беа лекувани во Градската општа болница „8 Септември“, на скопските клиники, во болниците во Тетово и Куманово, а во пружање на прва помош на местото на несреќата освен екипите на Итната медицинска помош учествуваа и возила од приватните болници Систина и Неуромедика.

    Претседателот на Македонското лекарско друштво д-р Горан Димитров им изрази голема благодарност и честитки на сите лекари кои за време на несреќата, а и потоа многу брзо ја дадоа потребната медицинска помош. На одбележување на Светскиот ден на здравјето 7 Април, кој се одржа денес во организација на Македонското лекарско друштво, иако не беше предвидено во официјалната програма, претседателката на Лекарската комора на Македонија Калина Гривчева-Старделова  го изненади министерот Филипче и му врачи благодарница како и на сите доктори.

    „Сакаме да му врачиме благодарница на доктор Филипче не како на министер, туку како на лекар кој исто така оперираше дел од повредените патници“, рече Гривчева-Старделова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира