Во Битола, претседателката кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова освои 226 гласа повеќе од Стево Пендаровски од СДСМ, во првиот круг на претседателските избори вчера. Иако разликата не е голема и не е решавачка во однос на крајниот изборен резултат, сепак ова се први избори во последните две и пол години на кои ВМРО-ДПМНЕ успеава да освои повеќе гласови од СДСМ во Битола. Во однос на локалните избори во 2017, СДСМ загуби скоро половина од гласовите што ги доби за победата на градоначалничката Наташа Петровска.
Според неофицијалните резултати на Државната изборна комисија (ДИК), во првиот круг за Силјановска-Давкова гласаа 17.992 гласачи од Општина Битола, а за Пендаровски од СДСМ 17.766 гласачи.
Во вториот изборен круг на 5 мај, Пендаровски ќе оди со 4.500 гласови пред Силјановска-Давкова.
За разлика од сегашните 17.766 гласови, во 2016 на парламентраните избори СДСМ во Битола имаше освоено 26.741 глас или за над 2.200 повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. На локалните избори од 2017, кога во првиот круг победи Наташа Петровска за градоначалник, освои дури 31.337 гласови или скоро дупло повеќе од сегашните. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ со својот кандидат Зоран Илиоски освои 17.715, приближно колку сега.
Во Битола вчера победа прогласија двете партии. Од СДСМ рекоа дека во вториот изборен круг ќе покажат оти Битола сака европска иднина, а ВМРО-ДПМНЕ најави убедлива појава, по што со автомобили кружеа низ градот свирејќи и веејќи знамиња.
Од останатите општини во Југозападна Македонија кои се во близина на Битола, Пендаровски има повеќе гласови во Ресен и Крушево, додека пак, во Могила, Демир Хисар и Новаци повеќе гласови освои Силјановска-Давкова.
Ж. ЗДРАВКОВСКА