ЗА 28 ГОДИНИ ЗА ДЕСЕТ ПАТИ СЕ НАМАЛИЛ БРОЈОТ НА ПРВООДДЕЛЕНЦИТЕ ВО ШИПКОВИЦА

    ЗА 28 ГОДИНИ ЗА ДЕСЕТ ПАТИ СЕ НАМАЛИЛ БРОЈОТ НА ПРВООДДЕЛЕНЦИТЕ ВО ШИПКОВИЦАВо тетовско село Шипковица во 1981 во прво одделение се запишале 130 ученици, а поради иселувањето во 2018 само 14 првачиња. Според објавениот конкурс за учебната 2019-2020, во петте општински средни училишта во Тетово има 3.570 слободни места, а има 2.130 ученици кои го завршуваат основно образование. (Фото: СДК.МК)

    Општина Тетово го распиша конкурсот за запишување на ученици во средно образование. Во петте средни училишта и во двете државни средни училишта има повеќе од доволно слободни места за сите завршени деветтоодделенци. Од Секторот за јавни дејности на Општина Тетово велат дека бројот на запишаните средношколци во изминативе неколку години е речиси константен, односно бележи намалување од најмногу еден процент, но велат дека веќе во наредните години можно е намалување на учениците поради сѐ позасиленото иселување од Тетовскиот Регион.

    „Во Тетово во последните 5-6 години теоретски нема намалување на бројот на учениците во основните училишта. Бројот на учениците кои во текот на годината ќе се иселат од земјава се надоплнува со оние кои ќе се доселат од селските средини во Тетово. Намалувањето на бројот и на учениците во средните училишта засега е мал и не изнесува повеќе од еден отсто, но се плашиме дека оваа состојба може наскоро да се промени. Во училиштата во руралните средини веќе се чувствува поголемо намалување на бројот на ученици. Фрапантен е примерот со основното училиште во село Шипковица. Таму, во 1981 година во прво одделение се запишале 130 ученици, а во 2018 година само 14 првачиња. Тоа е огромно намалување на бројот на ученици. Причината за ова секако е иселувањето, првин од селата во Тетово, а потоа и од Тетово кон надвор од државата. Ваква е состојбата во повеќето села во Тетовскиот Регион. Ако порано гастарбајтерите одеа сами да работат во странство сега сѐ почесто со себе ги замаат целите семејства“, вели Ајмет Ќазими раководител на Секторот за јавни дејности на Општина Тетово.

    Ќазими истакнува дека засега е задоволен од пополнетоста на капацитетите на тетовските средни училишта.
    „Според објавениот конкурс за учебната 2019-2020, во петте општински средни училишта во Тетово има 3.570 слободни места. Бројот на ученици кои го завршуваат основното образование во Тетово и другите околни општини е 2.130 ученици од кои, 1.746 се на настава на албански јазик, 360 се на македонски наставен јазик и 24 се на турски јазик. Разликата помеѓу слободните места во средните училишта и бројот на ученици кои се запишуваат е поради тоа што конкурсот се распишува за оптимален број на ученици во една паралелка, а тоа е 34, но најчесто во една паралелка се запишуваат по 25 ученици колку што е законскиот минимум. Тоа доведува да има речиси двојно повеќе слободни места отколку што бројот на оние кои завршуваат основно образование. Бројот на учениците кои се запишуваа во тетовските средни училишта се движи околу 2.100 ученици, а додека во прво одделение од основното образование се запишуваат од 1.750 до 1.800 ученици“, вели Ќазими.

    Во средното образование во Тетово постои еден проблем за кој сѐ уште нема изгледи да се реши. Во две тетовски основни училишта работат специјални паралелки за лица со посебни потреби, а освен ова поголем број ученици со посебни потреби се вклучени во инклузивната настава. По нивното завршување на основното образование не постои специјално средно училиште во Тетово каде тие би продолжиле да се образуваат.

    „За жал, во Тетово нема средно училиште за овие ученици. Нашата стратегија е овие ученици да ги насочуваме да се запишуваат во средните стручни училишта како што се земјоделското или текстилното училиште, со цел тие да добијат вештини за да бидат способни по завршувањето на средното образование да се вклучат на пазарот на трудот. Добро би било во иднина во специјалното средно училиште ‘Свети Наум Охридски’ во Скојпе да се отвори и паралелка на албански јазик или пак во Тетово да се отвори истурена паралелка на ова училиште. Ние сме се обратиле и до Министерството за образование за да се најде мехнизам за да се реализара некоја од овие идеи“, вели Ќазими.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира