МЛАДИТЕ ВОЛОНТЕРИ ОД ЦРВЕН КРСТ СО ВЕЛИГДЕНСКА АКЦИЈА ИМ ПОМОГНАА НА ТРИ ВЕЛЕШКИ СЕМЕЈСТВА

    МЛАДИТЕ ВОЛОНТЕРИ ОД ЦРВЕН КРСТ СО ВЕЛИГДЕНСКА АКЦИЈА ИМ ПОМОГНАА НА ТРИ ВЕЛЕШКИ СЕМЕЈСТВАМладите волонтери од Општинскиот Црвен крст од Велес изминатиов период помогнаа на три семејства од општината кои живеат во лоши социјални услови (Фото: СДК.МК)

    Младите волонтери од Општинскиот Црвен крст од Велес, изминатиот период реализираа три проекти, со кои директно помогнаа на исто толку семејства од општината кои живеат во лоши социјални услови.

    Тим од млади волонтери се вклучил во акцијата за подобрување на условите за живот на Славица Димовска, за која велат дека е најнискиот човек во државата, лице со инвалидитет, која живее во населба Чашка. Тие оваа акција ја нарекоа „Сите заедно за баба Цава“. По посетата на Димовска, било договорено да се направи поголемо реновирање на куќата. Младите од Црвен крст веднаш ја започнале потрагата по градежни материјали. Испратиле барање за донација до многу компании ,а позитивен одговор добиле од неколку, кои донирале плочки за опремување на бањата, цемент и кујнско бојлерче. Во тек е реновирање на домот на Димовска.

    Во тек е реновирање на домот на Славица Димовска во Општина Чашка (Фото: СДК.МК)

    Велешаните ѝ помогнале и на 51-годишната Димитрула Дерменџиева која живее во трошна куќа, без речиси никаков мебел и покуќнина. Волонтерите обезбедиле поликолор со кој се обелила собата во која таа престојува. Потоа исфрлен е целиот стар и дотраен мебел и донесена покуќнина, дел нова, дел користена. Како завршница, во салата „Бели мугри“ е одржана хуманитарна претстава „Плодна година“ од драмската секција на велешката Гимназија. Со собраните средства е купена храна, средства за хигиена, по барање на Дерменциева јајца и боја за достоинствено да го помине Велигден.

    Младите волонтери го разубавија домот на семејството Нафизови во село Мелница. Во изминатите два месеци волонтерите работеа да им ги подобрат условите за живот во домот на четиричленото семејство кое живее во супстандардни услови. Кај семејството Нафизовски се однесоа фрижидер, пакети со храна, пакет со училиштен прибор, детска облека, а благодарение на донација се обезбеди и покуќнина.

    „Програмата Црвен крст – Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтерите во Црвениот крст. Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог. Во текот на овие обуки тие добиваат и практични знаења за проекти преку кои им се помага на граѓани кои се во социјален ризик, на некои краткорочно, додека пак за некои помошта е долгорочна“, рече Орце Николов секретарот на ОО на Црвен крст Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира