Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола ќе преживее и без поддршка од Министерството за култура. Центарот за култура предводен од директорката Маја Андоновска-Илијевски од 9 до 13 мај ќе го организира 21. издание на фестивалот потпирајќи се на сопствени средства и финансиска помош од Општината, јавни претпријатија, фирми, па и поединци од градот.
„Јас и тоа како решив да не се откажувам и со сопствени сили и се разбира со подршка на институции, фирми и претпријатија од нашиот град решивме да го организираме фестивалот. Многу домаќински работиме. Подрршката од Општината и јавните претпријатија е многу важна, но најголемиот товар паѓа врз грбот на Центраот за култура. Фестивал од ваков калибар не може да чини под еден милион денари. Овој фестивал ќе помини исто како да сме имале поддршка и од Министерството за култура. Дефинитивно од следната година ќе треба посериозно да се запрашаме каква е ситуацијата со културата во нашата земја“, рече директорката Андоновска-Илијевски.
Фестивалската програма ќе трае пет дена и ќе има 13 монодрами од кои три македонски, две во конкуренција и една вон конкуренција. Во конкуренција се монодрамите на актерот Бобан Алексовски „Дневникот на лудиот“ и Димитрина Мицкоска со „Женска утопија“. Со монодрами ќе настапат и актери од Турција, Хрватска, Словачка, Молдавија, Русија, Црна Гора, Монголија и други држави. Фестивалот доби голема поддршка и од Народниот театар од Битола, кој на Фестивалот ја подари и новата премиера „Бакхи-краток преглед на распадот“ која ќе се одригра на отворањето на Фестивалот на монодрама в четврток.
„Новина е дебатниот клуб со трибина на 10 и 11 мај, кога ќе дебатираме околу монодрамата и двете страни на сцената. Иницијалната каписала за овие трибини е токму таа неподдршка што годинава ни се случи, па сакавме малку да го опипаме пулсот на уметниците и работниците на монодрама во нашата држава, но и во странство. Ќе разговараме дали има потреба од монодрама, што значи таа денес, дали уметниците што ја работата се ставени на маргините, бидејќи мора да напомениме дека ова е единствен фестивал од ваков тип кој не случајно успеал да опстои 21 година“, рече директорката.
Ж. ЗДРАВКОВСКА