Билетот за влез во скопската Зоолошка градина ќе поскапи и наместо 50 денари ќе биде 80. Влезот за деца до 3 години и натаму останува бесплатен. Оваа одлука за промена на цената за влез во Зоолошката ќе се најде на дневен ред на утрешната седница на Советот на Град Скопје и доколку биде усвоена треба да стапи на сила на почетокот на јуни.
Во образложението на градоначалникот Петре Шилегов се вели дека поскапувањето се должи на зголемениот број содржини и нови животни во градината.
„Цената за влез во Зоолошката градина не е коригирана од 2007 година. Во меѓувреме градината е комплетно ревитализирана, изградени се нови живеалишта, патеки, огради, збогатена е со нови видови животни и се нудат нови содржини за забава и едукација, па потребно е корегирање на цената. Цената за билет во Зоолошка беше на ниво на цените во кино салите, но во изминатиов период тие се зголемија, а влезот во Зоолошка остана непроменет“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов.
Според новиот ценовник се воведуваат и нови цени за содржините кои летово треба да бидат отворени и за кои ќе се плаќа плус дополнителна влезница. Влезот во паркот на диносауруси ќе чини 50 денари, а во мини зоолошката каде ќе има бебиња животни посетителите ќе треба да платат плус 20 денари.
А. АНТЕВСКА