ИЗВРШНИОТ КОМИТЕТ НА ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ОДЛУЧИ ЗА ОДЗЕМАЊЕТО НА МАНДАТОТ НА ИЗБЕГАНИОТ ПРАТЕНИК ГРУЕВСКИ

    ИЗВРШНИОТ КОМИТЕТ НА ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ОДЛУЧИ ЗА ОДЗЕМАЊЕТО НА МАНДАТОТ НА ИЗБЕГАНИОТ ПРАТЕНИК ГРУЕВСКИКомисијата за мандатно-имунитетни прашања утре се одржува по Известување од претседателот на Собранието Талат Џафери дека Груевски над 6 месеци неоправдано отсуствува од работа, доставено на 15 мај 2019 (Фото: СДК.МК)

    Собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања утре ќе ја почне расправата за одземањето на пратеничкиот мандат на избеганиот Никола Груевски. Комисијата се одржува по Известување од претседателот на Собранието Талат Џафери дека Груевски над 6 месеци неоправдано отсуствува од работа, доставено на 15 мај 2019 под архивски број 09-2845/1.

    Досега нема заеднички став на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ како ќе гласаат во Комисијата, а потоа и на пленарна седница за предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, додека портпаролите на партијата упорно праќаат сигнали дека осудениот и обвинет Груевски бил жртва на политички прогон.

    ВМРО-ДПМНЕ најавува дека Извршниот комитет ќе донесе одлука за одземањето на мандатот на избеганиот почесен лидер на партијата Груевски. Можно е по последните случувања, со пратеникот Павле Богоевски кој си поднесе оставка од морални причини и по чистката во СДСМ, лидерот Христијан Мицкоски да одлучи да се одземе тој мандат, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Но истите извори од партијата прашуваат: „И што со тоа? Да не го вратат Груевски од Унгарија?“.

    Член 65 од Уставот вели: „На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“. Според последната реченица, пратениците само ја верификуваат и формализираат задачата што им ја дава Уставот и која тие мора да ја исполнат.

    Седницата на Комисијата утре нема да ја води нејзиниот претседател, пратеникот во оставка Павле Богоевски, туку заменичката-претседател Снежана Калеска-Ванчева. На 23 мај 2019 кога ја најави оставката, Богоевски ги повика колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не го бранат криминалецот во бегство и да имаат доблест да гласаат да му биде одземен мандатот, бидејќи не се појавил на работа повеќе од 6 месеци, а отсуството, како што бара Уставот од секој пратеник, тој не го оправдал.

    Богоевски рече и дека ја дава оставката тогаш, но ќе стапи во сила по гласањето на пленарна седница за одземање на пратеничкиот мандат на шест месеци неоправдано отсутниот Никола Груевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира